Карпалак е аманет – Македонија не ги заборава своите херои


Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со делегација на Владата на Република Македонија денеска на Карпалак оддаде почит на десеттемина македонски бранители кои пред 25 години го положија својот живот бранејќи ја татковината.

-Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Десет имиња кои Македонија нема право да ги заборави. Нивната жртва е вградена во темелите на нашата држава. Тие застанаа во нејзина одбрана тогаш кога беше најтешко и за Македонија го дадоа најскапоценото што човек може да го даде – сопствениот живот – истакнал министерот, се наведува во соопштението на Министерството за спорт.

Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со делегација на Владата на Република Македонија денеска на Карпалак оддаде почит на десеттемина македонски бранители кои пред 25 години го положиј

Тој нагласил дека Карпалак не е само место на нашата колективна болка – Карпалак е место на кое се потсетуваме што значат храброста, должноста, честа и љубовта кон татковината.

-Наша обврска е нивните имиња да ги чуваме од заборав, нивната жртва да ја почитуваме, а на идните генерации да им ја пренесеме вистината за луѓето кои застанаа во одбрана на Македонија. По повод 25-годишнината од нивното загинување, пред нивната жртва денеска се поклонуваме со длабока почит и благодарност. Вечна слава на хероите од Карпалак. Никогаш заборавени. Да живее Македонија! – нагласил Ристовски.

Во Прилеп пак, вчера започна одбележувањето на 25-годишнината од трагичниот настан кај Карпалак, оддавајќи почит на десеттемина прилепски бранители кои своите животи ги положија во одбраната на Република Македонија.

– Со положување свежо цвеќе пред спомен-обележјета во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп и кај селото Лениште, се поклонивме пред нивната жртва и оддадовме достојна почит на нашите херои.
Утрово, почит им оддадовме и пред нивните вечни почивалишта, со мисла за нивните семејства, нивните најблиски и за нивното дело кое останува длабоко врежано во историјата на Прилеп и Македонија – велат од Општината.
 
Нивната жртва е вечен потсетник дека слободата, мирот и достоинството на татковината имаат своја цена. Наша обврска е да паметиме, да ја чуваме вистината и со најдлабока почит да го негуваме споменот на оние кои без двоумење застанаа во одбрана на Република Македонија – додава градоначалникот Дејан Проданоски.
 
Тој, денеска во 13 часот ги покани прилепчани заедно да се поклонат пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп и заедно да им оддадет почит на десеттемината прилепски бранители.
 
– Нека нивната љубов кон Македонија биде наша трајна обврска и инспирација – додава тој.