Англиско четвртфинале во Лондон, Ливерпул го пречекува ланскиот „муштерија“ Порто


Со вечерашните натпревари на Островот, Лигата на шампионите (ЛШ) повторно се враќа во центар на вниманието. Во Лондон и во Ливерпул се играат првите два натпревари од оваа фаза во најелитното клупско фудбалско натпреварување. Во главниот град, Тотенхем ќе го пречека ривалот од Премиер лигата, Манчестер сити додека во градот на Битлси, екипата на Ливерпул е домаќин на Порто.Двата меча почнуваат во 21 часот.

Мечот меѓу „спарси“ и „граѓаните“ сигурно дека ќе биде во фокусот на вниманието како дерби на вечерта. Второпласираниот тим во Премиер лигата гостува кај секогаш незгодниот ривал Тотенхем. Во последните пет официјални меѓусебни средби, избраниците на Пеп Гвардиола имаат далеку подобар скор од оние на Маурисио Покетино. Имено, Манчестер сити славеше на три меча од кои последните два се на гостински терен, еден натпревар завршил нерешено, а еден со победа на Тотенхем и тоа пред речиси две и пол години.

Но, ЛШ е сосема поинакво натпреварување од Премиер-лигата. Освен тоа Тотенхем, конечно, го напушти „Вембли“ и се пресели во својот нов дом, ултрамодерното здание во Северен Лондон, па јасно е дека „спарси“ ќе имаат и мотив повеќе од причина што во шампионската трка одамна се без шанси. Манчестер сити, пак, е во трка за сите три преостанати трофеи што може да биде отежнувачка околност за екипата од „Етихад“.

Мечот во Лигата на шампионите меѓу Тотенхем и Манчестер Сити ќе биде прв од трите во период од само 12 дена, со тоа што двата ривала ќе одиграат меч и во Премиер лигата. Маурисио Покетино и Пеп Гвардиола ги избраа своите состави за вечерашниот дуел.

Тотенхем (4-2-3-1): Лорис – Трипие, Алвервеирелд, Вертонген, Роуз – Винкс, Сисоко – Али, Ериксен, Сон – Кејн.

Манчестер Сити (4-3-3): Едерсон – Вокер, Отаменди, Лапорт, Делф – Гундоган, Фернандињо, Давид Силва – Марез, Стерлинг, Агуеро.

Од друга страна, Ливерпул ја има веројатно и најлесната задача од сите претенденти за титулата. На „Енфилд Роуд“ гостува Порто, кој на хартија е апсолутен аутсајдер против актуелниот вицешампион на Европа, но победата мора да се заслужи на терен. Португалскиот состав нема што да загуби против големиот фаворит додека Ливерпул сè уште е активен во напорната трка за титулата во Премиер лигата со Манчестер сити.

Двете екипи се соочија и минатата година во нокаут фазата во ЛШ кога Ливерпул славеше со убедливи 5:0 уште на првиот меч на „Драгао“ во Порто. Реваншот заврши без голови, па „црвените“ без поголеми маки се пласираа во следната фаза. Сепак, и покрај тоа, тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп е претпазлив во пресрет на мечот со Порто.

„Тој резултат беше чуден. Многу добар за нас, но чуден. Дури во вториот меч го видовме вистинскиот карактер на Порто. Ова е наша втора година во ЛШ. Ние не сме Реал Мадрид кој ги освои последните три титули. Го сакаме ова натпреварување и се ќе направиме да победиме. Играме четврт-финале, играме на „Енфилд“, ова е важен меч за нас“, изјави Клоп.

Ретко кој му дава шанси на Порто во четврт-финалето од ЛШ против Ливерпул, но во таборот на португалскиот клуб веруваат дека имаат квалитет за изненадување. За тоа сведочат и зборовите на искусниот дефанзивец Пепе, кој во три наврати ја покори Европа со Реал Мадрид и има огромно искуство на европската сцена и смета дека истото може да го направи и со својот актуелен клуб.

„Освоив три титули во Лигата на шампионите и оваа сезона ќе ја освојам и четвртата“, изјави Пепе кој воопшто не се плаши од името на противникот.
„Знаеме дека ќе биде тешко против така силен тим, но ние мора да бидеме ние, да бидеме истиот тим кој беше во Лигата на шампионите, тим полн со кохезија кој се бори за сѐ, кој бара позитивен резултат и голови. Го почитуваме Ливерпул, тоа е фантастичен тим. Но, мораме да ја одработиме задачата до крај“, објасни Пепе, кој сепак нема да може да му биде на располагање на Сержо Консеинсао за вечерашниот натпревар поради суспензија.

Двајцата тренери ги одредија стартните состави за вечерашниот дуел, а и двете екипи имаат проблеми со повредени или суспендирани играчи.

Ливерпул (4-3-3): Алисон – Александер-Арнолд, Ловрен, Ван Дајк, Милнер – Кеита, Фабињо, Хендерсон – Фирмино, Салах, Мане.

Порто (4-4-2): Касилјас – Макси Переира, Едер Милитао, Фелипе, Алекс Телес – Данило, Оливер Торес, Корона, Отавио – Марега, Соареш.