Ангеловска се пофали со 16,2 отсто невработени во првиот квартал, но во април и мај сликата не е толку розова
Стапката на невработеност во првото тримесечје од 2020 изнесува 16,2 отсто и е историски најниска, напиша денеска на својот Фејсбук профил министерката за финансии Нина Ангеловска.
Просечната стапка на невработеност во 2019 изнесувала 17.3 отсто, додека во последниот квартал од 2019 изнесувала 16.6 проценти, наведе министерката.
Таа нагласува дека годината почнала со раст на вработеноста, пад на невработеноста, раст на платите….
-Сепак се наоѓаме во нова реалност – Ковид-19 пандемијата ќе влијае на сите макроекономски показатели, но со мерките кои се преземаат и ќе се преземаат ќе се потрудиме да кривата на невработеност биде што порамна, да задржиме што повеќе работни места, што повеќе работници да останат на работните места, а оние чие работно место ќе се затвори да ги поддржиме и заштитиме, напиша Ангеловска.
Меѓутоа, според податоците на Агенцијата за вработување, во месеците април и мај дојде до значаен пораст на бројот на лицата што бараат вработување. На крајот на мај биле регистрани 121.187 невработени лица, за 15.371 повеќе во однос на февруари, односно пред почеток на корона-кризата.
Според истите податоци, во април бројот на оние кои барааат работа се зголемил за 7.030 лицаа а во мај за дополнителни 6.425 лица.