Ангеловска-Бежоска: Банките ќе ги поддржат граѓаните и компаниите, денарот е и ќе остане стабилен


„Нашиот банкарски систем останува здрав и стабилен. Тој има капацитет да се справи со шоковите коишто ги предизвикува состојбата со корона вирусот“, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за телевизијата 24. Последните расположливи податоци коишто датираат од почетокот на оваа година, како што посочи таа, потврдуваат висока капитализираност, висока ликвидност и висок квалитет на активата со којашто располага системот.

„Адекватноста на капиталот е околу 17 проценти – ниво кое е повисоко од 2008 година кога економијата се соочи со голем шок. Учеството на ликвидната во вкупната актива е 27 проценти, што исто така е повисоко во споредба со периодот пред глобалната економска криза. Квалитетот на активата на банките, што е значајна детерминанта на кредитната активност, е многу солиден. Тоа јасно се согледува преку нивото на нефункционални кредити што во моментот е околу 4,8 отсто од вкупните кредитни изложености. Сето ова укажува дека нашиот банкарски систем има солиден капацитет со којшто може да ја испорача потребната поддршка за населението и корпоративниот сектор“, кажа Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката говореше и за мерките што ги презеде Народната банка минатата недела, при што одделно се задржа и на регулаторните измени со кои се овозможува олеснување на финансискиот товар на кредито корисниците. Како што посочи, пред да бидат донесени измените, беа спроведени и бројни анализи и стрес-тестови, за детално да се процени капацитетот на банкарскиот систем. „Истовремено се води грижа за одржувањето на финансиската стабилност и за овозможување поддршка на корпоративниот сектор и на населението“, истакна Ангеловска-Бежоска.

Со намалувањето на каматната стапка на благајничките записи, како што нагласи гувернерката, дополнително се олеснуваат финансиските услови под кои кредитите се одобруваат и на претпријатијата, и на населението.

„Во насока на поддршка на кредитната активност е и активирањето на нестандардната мерка насочена кон секторите од македонската економија кои ќе бидат најпогодени од корона-кризата – кредитирањето на овие сектори го стимулираме со тоа што износот на кредитите ќе биде одбиен од основицата за пресметување на задолжителната резерва на банките“, напомена таа.

Ангеловска-Бежоска потсети дека денарот е и ќе остане стабилен и дека нема да има промени на нивото на неговиот девизен курс.

„Монетарната стратегија на одржување фиксен курс на домашната валута во однос на еврото е оптимална за нашата економија и токму девизниот курс овозможува одржување ниска и стабилна инфлација во нашата економија, а со тоа и испорачување макроекономска и финансиска стабилност“, рече таа.

„Со години наназад, нашата централна банка одржува високо ниво на девизни резерви, што е гаранција за стабилноста на девизниот курс на домашната валута. Во моментов, како што и веќе соопштивме, нивото на резервите е нешто над три милијарди евра. Според сите меѓународни показатели, ова ниво упатува на адекватност на резервите и на капацитет за справување со било какви шокови во нашата економија“, укажа гувернерката, при што посети дека во 2008 година, кога економијата доживеа неочекувани шокови, нивото на резервите беше значајно пониско.

Ангеловска-Бежоска посочи и дека Народната банка веќе активно работи на најновите макроекономски проекции, при што се имаат предвид сите очекувани ефекти од новонастанатата ситуација со пандемијата на ковид-19, како врз домашната економија, така и врз надворешното окружување.