Ангелов: Пожарот над Будинарци, Беровско денеска може да биде изгаснат
Четири пожари се активни во моментот низ земјата, на првиот пресек во врска со пожаритена Центарот за управување со кризи (ЦУК), во 10 часот.
Првиот човек на Центарот, Стојанче Ангелов, очекува дека барем еден од нив ќе биде изгаснат до крајот на денешниот ден.
„Вчера имаше 14 активни пожари, во овој момент има само четири. Се надеваме дека најмалку еден од овие четири денеска ќе биде целосно изгаснат, а тоа е пожарот во општина Берово, над селото Будинарци. За него вчера направивме контролиран контра-пожар со кој го ограничивме реонот на кој може да се шири пожарот“, рече Ангелов.
„Рано утрово, хеликоптер на МВР со пожарникари од Австрија и наши пожарникари, направи извидување на теренот за да ги одредат приоритетните точки коишто треба да се гасат бидејќи гори на неколку места и чади на неколку места. На лице место, до Будинарци е армискиот хеликоптер којшто, најверојатно, веќе почнал со дејство. Чекаше да заврши извидувањето, да добие квалитетни информации“, вели Ангелов.
Како што информира Ангелов, само за пожарот во Будинарци се ангажирани повеќе од 500 лица – 136 пожарникари од Австрија со 52 возила, 45 лица од Словенија со четири противпожарни возила и 25 лица од Бугарија со пет возила. Покрај ова, има повеќе од 100 локални пожарникари од локалното население, од Берово, Пехчево итн.