Ангелов: Бројот на пожари висок – третиот „ер трактор“ ќе дејствува од август

Во справувањето на пожарите од воздух на располагање се ставени двата „ер трактора“ на Дирекцијата за заштита и спасување и два полициски и два армиски хеликоптери. Третиот „ер трактор“ кој е на сервис, се очекува да биде вратен во земјава на почетокот на август.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов денеска информираше дека кај овој „ер трактор“ дополнително се откриени дефекти.
– Во моментов имаме два „ер трактора“, третиот треба да биде вратен од сервис на почетокот на август. Фирмата која го работи сервисот, најверојатно се соочува со голем обем на работа и не може да постигне. Тој е благовремено однесен и веќе подолго време е таму, но дополнително кај него се откриени дефекти кои биле непредвидени поради што сервисот се развлекува подолго време, рече Ангелов на денешната прес-конференција.
Во случај на влошување на состојбата со пожарите, Ангелов посочи дека може да се побара и меѓународна помош, но дека во моментот тоа не е најсоодветната опција бидејќи и другите држави се справуваат со пожари.
– Во случај на драматично влошување на состојбата на располагање ни стои ЕУ механизмот за заштита и спасување и во кој било момент може да побараме меѓународна помош, но морам да укажам дека целиот регион е во оган. Од моите билатерални контакти со колегите од регионот можам да кажам дека сите летала од соседните држави се зафатени со гаснење на пожарите во нивните држави, така што и варијантата на барање на меѓународна помош во летала не е најсоодветната опција, рече Ангелов.
Додаде дека бројот на пожари во земјава е висок, но смета дека досега е доста успешно справувањето со нив.
Секое утро, како што изјави, авион на Агенцијата за цивилно воздухопловство прави прелет на територија на целата држава со цел да се добијат информации за состојбата со постојните пожари и за нови пожари.
– Добар дел од пожарите се ниски пожари, така што од еколошки аспект на некои места штетата и не е толку голема, но факт е дека борбата со пожарите е тешка бидејќи сите пожари се на тешко пристапни места, а дел и на целосно непристапни терени поради што воздушната поддршка е од исклучително значење, рече Ангелов.
Упати апел до сопствениците на викендици или куќи да ги исчистат дворовите од вегетација и да направат заштитен појас.
Според него, продолжуваат и обидите за намерно предизвикување пожари на отворен простор укажувајќи на најновиот откриен случај во општина Крива Паланка каде се пронајдени повеќе од 30 расфрлени гуми, гранки и картонски кутии.
-За жал, секојдневно добиваме индиции за намерни палежи коишто јавно ги објавуваме, но во некои случаи тешко оди собирањето на докази, рече Ангелов.
Тој воедно апелираше до граѓаните доколку видат сомнителни случаи да ги пријават на телефонскиот број 112 или во најблиската полициска станица.
Во последното деноноќие се регистрирани 40 пожари од кои изгаснати се 33 пожари, а пет се активни, додека два се ставени под контрола.