Јанчев нема да формира партија, Тортевски сака пет пратеници


Изградба на кружен тек на спојот од булеварите „Никола Минчев“ и „Цветан Димов“, уредување на „Паркот на револуцијата“ и уривање на потпорниот ѕид на улицата „7 Септември“. Ова се дел од последните активности со кои што е преокупиран кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев. На половина од мандатот како прв човек на градот, познатиот бизнисмен ја реализира речиси целата програма што им ја понуди на граѓаните пред локалните избори во 2017 година.
Сега, на шест месеци пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, довчерашниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема амбиции да учествува на нив.
„Имам премногу обврски како градоначалник на Кавадарци и сакам да го исполнам тоа што го ветив – градот да биде убаво и пристојно место за живеење“, вели Митко Јанчев.
Тој беше сменет од потпретседателското место во најголемата опозициска партија веднаш по изненадувачкиот пресврт во Собранието и гласот на седум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ (плус еден од Социјалистичката партија) за Преспанскиот договор. Разрешувањето беше објаснето со дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев, како и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници од опозицијата да гласаат за уставните измени, при што биле користени најниски методи.
Всушност, недоразбирањата меѓу него и Христијан Мицкоски, односно другите водечки луѓе во партијата кулминираа откако Јанчев јавно се заложи ВМРО-ДПМНЕ да учествува на референдумот за името, па макар и со гласање против договорот со Грција што беше спротивно од тактиката на опозицијата за тивок бојкот.
Точно една година подоцна, градоначалникот на Кавадарци и натаму е член на ВМРО-ДПМНЕ, но и натаму е со истите ставови, пред сѐ кога е во прашање евтоинтеграцијата на нашата земја.
Неговото име честопати се споменува во контекст на формирање нова политичка партија, во која би имало место и за други (поранешни) членови на ВМРО-ДПМНЕ (Никола Тодоров, Сашо Мијалков, Петар Богојески…) што не се согласуваат со начинот на кој што се води партијата.
„Нема вистина во тоа. Во овој момент не размислувам за нова политичка партија“, дециден е Јанчев во изјавата за „Независен весник“.
Тој не сака да го прогнозира исходот од престојните избори и најавите од неговата партија дека ќе извојуваат убедлива победа и ќе се вратат на власт.
„Изборите се мерило и предизвик за секоја партија. Пред натпреварот, сите имаат шанса“, подвлекува Јанчев.
На шанса и тоа искористена на парламентарните избори, се надеваат и во иницијативата „Твоја партија“, од каде најавуваат оти за кратко време ќе станат важен политички сегмент.


„Основачкиот конгрес го закажавме за 7 декември. Оставаме доволно простор и ги повикуваме да ни се придружат сите што се подготвени да работат за да направиме нешто корисно за нашата земјава. Правото и правната држава е нашата црвена линија и за тоа нема остапка. Да ја направиме Македонија пристојно место за живеење е голема задача, можеби и невозможна, но не се откажуваме“, вели адвокатот Александар Тортевски, иницијатор на „Твоја партија“.
Во следниот период ќе биде утврдена платформата, статутот и моделот на организацијата. Како приоритет се наведуваат екологијата и економијата. Во партијата нагласуваат дека ќе се обидат да го придобијат најдобриот кадар во земјава и нема да примаат пари од донатори.
„Сметаме дека има и тоа како место за партија што ќе биде исклучително во центарот, подеднакво оддалечена и од едните и од другите. Според проценките, се надеваме и посакуваме на изборите да добиеме доволно гласови што ќе ни обезбедат од пет до десет пратеници во парламентот“, ни изјави Тортевски.

Горан Адамовски