Анблок покривањето на барањата на општините од државниот Буџет не е добро решение

Во дел од општините има корупција, во дел има неефикасност, во дел има правни процедури, во други има криминал... Прво треба да се види зошто влегле во фискална нестабилност, па после да им се помогне, вели универзитетскиот професор Борче Треновски


Анблок покривањето од државниот Буџет на барањата на општините за покривање на нивните зголемени финансиски потреби не е добро решение, смета универзитетскиот професор Борче Треновски. Од досегашното искуство видовме дека по таквата попмош многу од општините повторно ги зголемиле своите обврски, вели тој.

„Пред да ги утврдиме причините зошто определени општини влегле во фискална нестабилност, не е препорачливо да се намират нивните долгови. Тоа се случи и претходно. Во дел од општините има корупција, во дел има неефикасност, во дел има правни процедури, во други има криминал… Прво треба да се види која е основата. Дајте да видиме, да ги отвориме,  да видиме на која општина треба да ѝ се помогне, кои општини треба да се санкционираат и на кој начин треба да се направи тоа“, изјави денес професорот Трновски, одговарајќи на прашања на новинарите по настанот во организација на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите на општините во чии рамки беа потпишани меморандуми за соработка со втората група 24 нови партнер-општини. Притоа, беа промовирани и клучните предизвици и препораки за подобрување на процесот на буџетирање и меѓувладините капитални трансфери до единиците на локалната самоуправа.

„Истото го сугерираме и во другите делови, не само за општините, пред да ја утврдиме состојбата. Сега се случува со електричната енергија – дајте да утврдиме кои се тие општини на кои треба да им се помогне со електричната енергија. Има мали општини каде што најверојатно ќе треба. И покрај сите кратења на буџетот и сите рестрикции, тие нема да бидат во состојба да излезат од оваа криза. Меѓутоа ЗЕЛС треба да излезе – овие се пет општини –  дајте да им помогнеме, тие се можните начини. Значи, конструктивниот пристап и транспарентноста може да го решат проблемот. Тогаш ќе се види каде е тесното грло и каде треба да се помогне. Која уста треба да се нахрани“, изјави Треновски.

Одговарајќи на прашањето како до поголема финансиска дисциплина кај локалната самоуправа, професорот Треновски посочи дека станува збор за сеопфатен системски проблем и треба да се тргне од неколку нивоа.

„Едното ниво на кое треба да почне да се размислува е да им се даде поголема фискална автономија на општините. Но, пред да се направи тоа, неизмерно е да се зголемат нивните капацитети“, вели тој додавајќи дека анализирале повеќе општини при што се видело дека повеќе од нив се соочуваат со значајни ограничувања.

„Едно од клучните е кадровскиот капацитет. Имаат се повеќе одлив на кадар, значи немаат квалитетни кадри, а и тие што ги имаат не можат да ја завршат работата, пред сѐ во доменот на финансиите“, вели Треновски.

Овој клучен предизвик со кадарот е поврзан и со другите предизвици, пред сѐ во делот на буџетирањето, а денешната конференција беше поврзана токму со финансирањето на општините, пред сѐ со буџетирањето.

„Од буџетирањето произлегува сѐ – непочитувањето на системските чекори предизвикува фискална недисциплина, поголеми долгови, поголеми обврски и тн.“, исктакна професорот Треновски.

Инаку, проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите е петгодишен, а им помага на владините институции во земјава да ги соберат и самостојно да управуваат со ресурсите потребни за финансирање на услугите што ги бараат нејзините граѓани. (М.Ј.)