Ампева: Ги отпуштија работниците во пандемијата, сега ќе увезуваат


– Нашата земја нема инфраструктура за да увезе странски работници, а работодавците не размислуваа и не ги слушаа нашите совети кога ги бркаа работниците за време на корона кризата, кои се иселија во земјите во ЕУ, вели Кристина Ампева од Гласен Текстилец-Штип, откако претседателот на собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров во интервју за МИА откри дека неколку Агенции нудат странски работници на македонските компании.

-За време на пандемијата полесно им беше да ги отпуштаат колективно работниците, ова важи апсолутно за сите. Значи не само во текстилната индустрија и во останатите, но во текстилната особено кога беа отпуштани жени кои користеа мерки или беа дома. Сега нема работници и ќе увезуваме од Непал, вели Ампева.

Таа забележува дека изминатите години македонските  работници си заминаа поради условите за работа и висината на платите, а трендот на иселување на работоспособното население продолжува.