Американската централна банка повторно ја зголеми каматата и покрај банкарските превирања


Американската централна банка повторно ги зголеми каматните стапки, и покрај стравувањата дека овој потег би можел да придонесе за финансиски превирања по серијата неодамнешни неуспеси на банките. Банката на федерални резерви ја зголеми основната стапка за 0,25 отсто, јавува Би-Би-Си

ФЕД ги зголемува трошоците за задолжување во обид да ја забави економијата и да го намали нагорниот притисок врз цените.

Во обраќањето до јавноста, ФЕД соопшти дека американскиот банкарски систем е „здрав и издржлив“, но наведуваат и дека, како што велат, „банкарските превирања“ може да се пролонгираат и со тоа да го забават понатамошниот раст на каматните стапки. На овој начин, ФЕД го промени претходниот тон. За потсетување, до пред само неколку недели доаѓаа сигнали од ФЕД дека ќе бидат потребни повисоки каматни стапки во наредните месеци.

Потегот од средата го означува деветтото последователно зголемување на каматните стапки на ФЕД. Ја подигна основната каматна стапка на 4,75% – 5%, во споредба со речиси нула пред една година – највисоко ниво од 2007 година.

Повисоките каматни стапки значат дека се зголемуваат трошоците за купување дом, позајмување за проширување на бизнисот или преземање други долгови. Со зголемување на каматните стапки, ФЕД очекува пад на побарувачката и намалување на цените.

Тоа почна да се случува на американскиот пазар на станови, каде што купувањата нагло забавија во текот на изминатата година, а просечната продажна цена во февруари беше пониска од пред една година, што е прв таков пад во повеќе од 10 години. Инфлацијата, стапката со која растат цените, скокна за 6 отсто за 12 месеци.

Цената на некои артикли, вклучувајќи храна и авионски билети, расте побрзо. Претходно овој месец, претседателот на Федералните резерви Џером Пауел предупреди дека властите можеби ќе треба да ги зголемат каматните стапки за да ја стават ситуацијата под контрола.

Говорејќи на прес-конференција, претседавачот Џером Пауел рече: „Процесот на враќање на инфлацијата на 2% има долг пат да помине и најверојатно ќе биде нерамен“.

И покрај проекциите на ФЕД дека ќе наметне само уште едно зголемување на каматните стапки, Пауел рече дека централната банка сепак може да избере да изврши дополнителни зголемувања доколку инфлацијата остане хронично висока.

Пауел призна дека некои банки може да го намалат своето темпо на кредитирање во време на голема вознемиреност во финансискиот систем. Секое такво повлекување во кредитирањето, рече тој, би можело да ја забави економијата и евентуално да дејствува како еквивалент на дополнително зголемување на стапката за четврт поен.

„Настаните во банкарскиот систем во изминатите две недели веројатно ќе резултираат со построги кредитни услови за домаќинствата и бизнисите“, рече претседателот на ФЕД.

„Прерано е да се утврди степенот на овие ефекти за ФЕД да знае како или дали нејзините планови за каматните стапки би можеле да бидат засегнати.

Зголемувањето на каматните стапки во средата, деветтото за Банката на федерални резерви од минатиот март, сугерира дека Пауел е уверен дека Банката на федерални резерви може да се справи со двоен предизвик: да ја олади сè уште високата инфлација преку повисоки стапки на заеми додека ги смирува превирањата во банкарскиот сектор преку програмите за итни заеми и одлуката на администрацијата на Бајден да ги покрие неосигурените депозити во двете пропаднати банки, пренесува АП.

Со зголемувањето во средата, референтната краткорочна стапка на ФЕД го достигна највисокото ниво во последните 16 години. Новото ниво најверојатно ќе доведе до повисоки трошоци за многу заеми, од хипотеки и купување на автомобили до кредитни картички и корпоративно задолжување. Последователните зголемувања на каматните стапки на ФЕД, исто така, го зголемија ризикот од рецесија.

Проблемите што ненадејно избувнаа во банкарскиот сектор пред две недели веројатно доведоа до одлука на ФЕД да ја зголеми својата референтна стапка за четвртина, а не за половина поен. Некои економисти предупредија дека дури и скромниот квартален пораст на основната стапка, покрај неговите претходни зголемувања, може да ги загрози послабите банки чии нервозни клиенти може да одлучат да повлечат значителни депозити.

Во Соединетите Држави, најновите податоци сè уште укажуваат на солидна економија и силно вработување. Работодавците додадоа робусни 311.000 работни места во февруари. И додека стапката на невработеност се зголеми, од 3,4% на сè уште ниски 3,6%, тоа најмногу го одразува приливот на нови баратели на работа кои не беа веднаш ангажирани. Во своите најнови квартални проекции, ФЕД предвидува дека стапката на невработеност ќе се зголеми од сегашните 3,6% на 4,5% до крајот на годината.