Алкараз загуби од Димитров во Шангај и си ги намали шансите да го стигне Ѓоковиќ
Шангај – Поразот на Карлос Алкараз од Григор Димитров на Мастерсот во кинески Шангај во маестрален меч со 5:7, 6:2 и 6:4 , значи дека се намалуваат шансите на Шпанецот да го заземе првото место на АТП листата до крајот на годинава. Бугарскиот тенисер си обезбеди место меѓу осумте најдобри на турнирот од серијата 1000 во Шангај.
Во Пекинг и Шангај, Ѓоковиќ не играше, а Алкараз освои само 270 од можни 1.500 поени, и тоа се добри вести за Србинот кој се надева дека ќе дојде до бројка од 400 недели како број 1.
В понеделник кога ќе биде објавена најновата АТП листа, Ѓоковиќ ќе биде прв со 2.240 поени повеќе од вториот Алкарас.
Поволна околност за Алкараз е што на претстојните турнири брани само 360 поени, додека Новак ќе брани 2.100 (лани го освои завршниот Мастерс, а во Париз беше финалист). Плус тоа, Шпанецот планира да настапи и на турнир од серијата 500 во Базел каде лани освои 180 поени, па ќе има прилика дополнително да му се доближи на најдобриот светски тенисер.
Но, со денешниот пораз, шансите на Алкараз до крајот на годинава да го преземе врвот се намалуваат и од резултатите на Ѓоковиќ најмногу зависи кој ќе биде прв на крајот на 2023.
