Алиу: Нови технологии за поправеден и побрз пристап до здравствена услуга

Граѓаните денес се технолошки подготвени повеќе од кога било досега, што претставува основа и обврска за поголемо дигитално учество во здравствениот систем, порачал министерот за здравство Азир Алиу на панелот за дигитализацијата и новите технологии во здравството, што се одржува во рамки на 21. Конгрес на лекари, во организација на Македонското лекарско друштво.
Министерството за здравство денеска соопшти дека на панелот е истакната потребата од целосна интероперабилност на системите и размена на податоци, поголема употреба на постоечките алатки за анализа и предвидување на потребите, воспоставување на национална радиолошка мрежа (PACS) и пилот проекти за телемедицина, глобална соработка со европски и меѓународни иницијативи.
– Нашата цел е едноставни и практични решенија што ќе носат директна корист за пациентите: полесен пристап до податоци, навремени информации и сигурност дека нивните податоци се заштитени. Системот ‘Мој Термин’, апликацијата ‘Мое Здравје’ и идните национални мрежи за радиологија и телемедицина се чекор напред во таа насока. Верувам дека со зголемување на интероперабилноста, анализа на податоци и примена на нови технологии, ќе создадеме поефикасен и поправеден здравствен систем, рекол министерот Алиу.
На панелот учествувал и Далибор Фруниќ, извршен директор на СОРСИКС и експерт за дигитално здравство, кој, стои во соопштението, оценил дека дигитализацијата на здравството во Македонија е на светско ниво. – Податоците кои постојат се богатство кое ќе овозможи напредни чекори во вештачка интелигенција и ‘data-driven decisionmaking’, за бенефит и на системот и на клиничка пракса, навел Фртуниќ.
Од Министерството за здравство истакнуваат дека остануваат посветени на создавање модерен дигитален систем кој ги става пациентите во центарот на здравствената заштита.