Алармантен пораст на нови заразени од корона вирусот во Израел

Израелската влада во понеделникот вечерта објави 179 нови нфекции од корона вирусот во текот на изминатите 24 часа, што е највисока бројка за повеќе од еден месец.
Според податоците објавени од Советот за национална безбедност, има 2.620 активни случаи, при што од почетокот на пандемијата се регистрирани 18.049 инфекции.
Од болните 29 лица се во сериозна состојба, од кои 23 биле на респиратори. Уште 44 Израелци се во умерена состојба, а останатите имаа благи симптоми. Нема нови починати, при што бројот на жртвите остана на 298.
Новите инфекции бележат најголема дневна бројка од крајот на април.
По одржливиот пад на стапката на инфекција, Израел во последниве недели бележи скок на нови случаи на Ковид-19, при што премиерот Бенјамин Нетанјаху објави во понеделникот дека владата ќе го запре понатамошното олеснување на ограничувањата.
Здравствените власти го припишаа поголемиот дел од неодамнешниот пораст на нови случаи на вирусите на училиштата, кои повторно беа отворени во мај по двомесечното затворање.
Во меѓувреме, Министерството за образование во понеделникот соопшти дека десетици училишта, што беа затворени откако ученици или персонал го фатиле корона вирусот, ќе бидат отворени оваа недела. Од учениците и наставниците се бара да носат маски за лице и да се придржуваат кон строгите хигиенски практики.
Исто така во понеделникот, 10 работници во хотелот „Клуб“ во црвеноморското одморалиште Еилат беа тестирани позитивно на вирусот. Во хотелот велат дека работниците не стапиле во контакт со ниту еден гостин и носат маски и нараквици на работа.
Нетанјаху во неделата се жалеше за, како што рече, „сериозно слабеење во почитувањето на правилата“, со цел да се спречи ширењето на корона вирусот, предупредувајќи дека Израел сè уште се наоѓа во сериозен ризик од пандемијата. (Тајмс оф Израел)