Аксиос: Израелската армија започна копнена офанзива за освојување на градот Газа

Израелската армија денеска започна копнена офанзива за освојување на градот Газ, објави веб-страницата Аксиос, повикувајќи се на израелски претставници.
Минатата недела, Израел започна воздушен напад врз лидерите на Хамас во Катар, ескалирајќи го конфликтот во Газа, кој сè повеќе влијае на другите делови од Блискиот Исток.
Министерот за одбрана на Израел Израел Кац денеска изјави дека „Газа гори“ по силните напади врз Газа во текот на ноќта.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, зборувајќи со новинарите пред заминувањето од Израел за Катар, рече дека офанзивата започнала.
-Израелците започнаа операции таму. Затоа сметаме дека имаме многу краток временски период во кој може да се постигне договор, рече Рубио. „Не ни остануваат месеци, веројатно имаме денови, а можеби и неколку недели“.
Палестинските жители пријавија силни напади низ градот. Еден од нападите погоди најмалку три куќи во југозападниот дел од градот, рекоа тие. Медицинските лица бараа преживеани во урнатините.
Израелската војска со часови не одговараше на прашањата дали офанзивата започнала.
И Нетанјаху и Рубио вчера изјавија дека единствениот начин да се стави крај на конфликтот во Газа е со елиминирање на Хамас и ослободување на преостанатите 48 заложници – од кои се верува дека околу 20 се живи – отфрлајќи ги повиците за привремено примирје во корист на итно завршување на конфликтот.
Хамас соопшти дека ќе ги ослободи преостанатите заложници само во замена за палестински затвореници, траен прекин на огнот и повлекување на Израел од Газа.
Војната во Газа започна кога, на 7 октомври 2023 година, милитантни групи предводени од Хамас го нападнаа јужен Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе, претежно цивили, и киднапирајќи 251. Повеќето од заложниците беа ослободени како резултат на прекин на огнот делумно договорен од Катар или други договори.