Ако работодавачите сакаат попродуктивни работници, да им го скратат работното време од 8 на 6 часа


Наместо депресивни и преморени, ако работодавачите сакаат попродуктивни и порасположени работници, треба да донесат важна одлука, да им го скратат работното време од осум на шест часа, е пораката во интервјуто за МИА од проф. д-р Вангелица Гаврилова од Велес, доктор на психолошки науки, која предава на Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе и Битола.

Тоа, според неа, ќе донесе многу предности и за вработените, но и за компаниите, а посебно во услови на економска и енергетска криза. Веќе се применува во повеќе земји, така на пример, шведските власти воведоа шестчасовно работно време во повеќе компании, при што очекуваат дека со оваа пракса ќе можат да ги намалат боледувањата, да ја зголемат продуктивноста и да заштедат повеќе пари.

– Скратеното работно време како една промена на условите за работа се чувствува како најголема погодност, посебно во однос на ноќната работа. Скратената ноќна смена е помалку непријатна за работниците, се забележува нивна мотивираност и способност за поголема продуктивност во единица време, во голема мера се намалуваат или исчезнуваат физичките и психичките тегоби, а забележително се намалуваат поспаноста и малаксаноста. По 6-часовната ноќна смена, времето за одмор во текот на денот е поголемо, па работниците, освен за одмор, имаат време и за други активности, вели за оваа актуелна проблематика за МИА, Гаврилова, која има богато работно искуство во повеќе истражувања, проекти, анализи од областа на психосоцијалната сфера, како и едукатор на стручни обуки.

Таа паралелно е вклучена и во активности во НВО, и тоа: клубови на лекувани алкохоличари, Здружение на лица со церебрална парализа, Здружение на самохрани мајки „Стела“ Велес, кое работи пред сè со жртви на семејно насилство, како и со адолесценти кои им робуваат на пороците.

Колку време работевте како индустриски психолог и што мислите за скратеното работно време?

– Што се однесува до скратеното работно време, сметам дека тоа стана многу актуелна тема меѓу бизнис-круговите во светот, а успешно се применува во некои развиени земји. Така на пример, шведските власти воведоа шестчасовно работно време во повеќе компании, при што очекуваат дека со оваа пракса ќе можат да ги намалат боледувањата, да ја зголемат продуктивноста и да заштедат повеќе пари.

Какви промени настануваат во делот на заштитата при работа?

– Во делот на заштитата при работа евидентни се промени во два правци. Во првиот случај има значително намалување на штетните влијанија на работната средина и намалување на ризиците од класичните штетни влијанија, а во вториот се јавуваат нови штетни влијанија по здравјето на работникот. Како позначајни се: зголемена одговорност во работата, интензивирањето на вниманието и намалување на психичката напнатост. Опасност се смета и монотонијата, бидејќи чувството на здодевност не се јавува само кај репетитивните работни процеси, туку и заради субјективниот однос на работникот спрема работата. Ваквиот вид монотонија предизвикува намалување на активноста на работникот, песимизам и невротични реакции. Освен монотонијата, како посебна психолошка последица се јавува и губењето на класичниот статус на идентитетот на личноста на работникот, бидејќи во работните средини каде што доминираат автоматизираните процеси со континуирано времетраење, работниците во голема мера се чувствуваат изолирани и отуѓени.

Како лошите услови за работа може да влијаат врз психичката состојба на вработените?

– Работата има големо поволно влијание на менталното здравје, но има околности под кои и не помага толку. Иако постојат докази дека лошите услови за работа можат директно да предизвикаат депресивни нарушувања, претераниот притисок и стрес можат во комбинација со други проблеми, како што се проблемите во семејството или доживеани случки, да придонесат за развој на депресија. Многу истражувања покажале дека поедини видови работа се склони да ги направат луѓето несреќни на работните места. Работите на кои вработените не можат да ги користат своите вештини или кои се повторуваат, односно се исти секој ден, имаат тенденција луѓето да се чувствуваат заситени од работата. Несигурноста во сопствената изведба или во идните промени во вработувањето, можат да резултираат со чувства на напнатост и грижи.

Ваши сознанија во врска со скратеното работно време од работата во една голема компанија?

– Скратеното работно време како една промена на условите за работа се чувствува како најголема погодност во однос на ноќната работа. Скратената ноќна смена е помалку непријатна, се забележува мотивираност и способност за поголема продуктивност во единица време, во голема мера се намалуваат или исчезнуваат физичките и психичките тегоби, а забележително се намалуваат поспаноста и малаксаноста. По 6-часовната ноќна смена, во текот на денот времето за одмор е поголемо, а како резултат на тоа работниците, освен за одмор, имаат време и за други слободни активности и можност за рекреација и дружење.

Прашањето на релацијата скратено работно време – продуктивност и вработување нови лица е: дали со скратување на работното време, продуктивноста на трудот, искористеноста на производните средства и приходот можат да се зголемат во толкава мера така што личниот доход на постојниот број вработени да остане барем на исто ниво, т. е. да не се влоши економската состојба на компанијата. Аналогно на ова е и прашањето за воведување повеќе смени преку нови вработувања.

Одговорот на ова прашање е сложен, бидејќи треба да се земат предвид повеќе фактори, меѓу кои позначајни се: искористеноста на работното време, степенот на вработеност во компанијата, застапеноста на сменската работа, степенот на автоматизацијата и механизацијата на производните средства, зависноста на домашната индустрија од увозната технологија и суровини и можноста за сигурен пласман на производите.

На кој начин работниците можат да се мотивираат, но и да се заштитат, особено оние на работни места со посебни услови за работа?

– Современиот процес на работа на работните места со посебни услови за работа се карактеризира со специфичности во содржината на работата кои ја наметнуваат потребата од преземање соодветни мерки за заштита при работа. Меѓу таквите мерки како позначајни се: менувањето на работната активност за одредени временски периоди, наградувањето на работникот според количините и квалитетот на производството, а не според времето поминато на работа. Овозможување работникот да ја чувствува работата како континуитет од посебни задачи, а не како бесконечен процес. Воедно и извршување на работните задачи во хомогени социјални групи, давање одмор во времето кога работникот најмногу ја чувствува потребата за тоа и како посебна мерка се јавува скратеното работно време. Тоа има повеќе факторска општествено економска условеност во однос на порастот на производството и квалитетот на работењето, како и зачувувањето на психофизичкото здравје на работникот, неговата работна способност и социјалниот ритам на живеење.

Ваше мислење како долгогодишен индустриски психолог во компанија, како и од работата во невладиниот сектор, сметате ли дека способноста, знаењето и квалитетот секогаш доаѓаат до израз, дали доволно се почитуваат и наградуваат?

– Мислам дека многу квалитети на кои нè учеле, за жал, малку сме ги подзаборавиле. Едноставно, во денешницата ја загубиле својата вредност иако декларативно постојат. Не е мал бројот на работници во компании, институции, организации, со висок капацитет на знаење, работно искуство и останати професионални квалитети, да останат во „сенка“ и обратно. Честопати се случува кога паметните и способните ќе се изморат од притисокот на неспособните. Така тие се повлекуваат, а тоа им е целта на вторите. Така се создава терен и услови за ширење и зацврстување на монополот на глупоста. Па, нели, се вели дека животот е борба во сите сфери на егзистирање. Но, едно треба да сфатиме, дека неуспехот не смее да се дозволи да предизвика фрустрации кои личноста ќе ја водат во регрес, туку како како што вели познатата максима – лекција како да се издржи и продолжи понатаму, зошто животот е амплитуда на постојани издигнувања и падови, иако околностите се такви, какви што се.

Како и да е, неуспехот не е ништо друго, туку само чекор кон целта. Затоа на сите им порачувам, трудете се и нека и ваше основно мото ви биде човечноста, знаењето, способноста, самодовербата, синергијата и успехот носен на сопствени плеќи.

 

Проф. д-р Вангелица Гаврилова од Велес 19 години била вработена како индустриски психолог во некогашниот најпрофитабилен индустриски гигант во Република Македонија, Металургиско-хемискиот комбинат „Злетово“ Велес, кој броеше 1 700 вработени. Работела во кадровската служба за прием и селекција на кадри при вработување и распоредување на соодветни работни места, како и во лекарскиот тим во фабричката здравствена установа при тековни здравствени и систематски прегледи на вработените. Лонгитудинални испитувања и анализи направила во делот на професионалниот травматизам, флуктуацијата, сменското работење, како и во проблематиката на апсентизмот, фокусирајќи се приоритетно на отсуствата од работа по основ на боледувања. Во соработка со Рударскиот институт од Тузла учествувала изработка на елаборати за анализа на работни места со посебни услови за работа.