Акциите на производителот на „Рафал“ паѓаат, оние на кинеските авиони за Пакистан растат

Француската компанија „Дасо Авиејшн“, производителот на борбениот авион „Рафал“, забележа пад на акциите за 3,3 проценти за два дена откако Пакистан соопшти дека соборил неколку индиски воени авиони, вклучувајќи и еден „Рафал“, за време на неодамнешната прекугранична ескалација.
Вредноста на акциите на францускиот гигант падна од 331,2 евра (373,8 долари) во вторник на 320,2 евра во 9 часот наутро по средноевропско време во четврток.
Пакистанските власти соопштија дека собориле пет индиски борбени авиони, вклучувајќи три „рафали“, откако Индија ја започна операцијата „Синдур“ доцна во вторникот, насочена кон девет локации на „терористичка инфраструктура“ во Пакистан и Кашмир, кој е под пакистанска администрација.
Индиските власти сè уште не ги коментираа тврдењата на Пакистан.
Потврдата за соборувањето дојде од француско разузнавање.
Во меѓувреме, Си-Ен-Ен вчера објави дека висок функционер на француското разузнавање потврдил дека Пакистан соборил еден авион „Рафал“ и дека француските власти истражуваат дали е соборен повеќе од еден „Рафал“.
Си-Ен-Ен објави дека ова „би бил прв пат еден од софистицираните француски воени авиони да биде изгубен во борба“.
Спротивно на тоа, кинеските акции на „Ченгду Еркрафт Корпорејшн“ (ЦАК), производителот на пакистанските авиони J-10C и JF-17 за кои се вели дека се користени за соборување на индиски авиони, забележаа пораст од повеќе од 30 проценти. Борбениот авион „Рафал“ моментално се користи во шест земји – Франција, Египет, Индија, Хрватска, Грција и Катар.