Академија Пандев ја пречекува Шкендија, борбата за опстанок поинтересна


Водечката Шкендија му гостува на третопласираниот тим, Академија Пандев. Тоа е дерби-натпреварот од 26. коло од првата фудбалска лига кое се игра денеска од 15.30 часот. Шампионот доаѓа на стадионот „Младост“ во Струмица по трите последователни победи (Работнички, Силекс и Победа) и гол-разликата од девет дадени и два примена гола. Но, и струмичани се во уште посилен налет од кој паднаа Силекс, Работнички и Ренова во првенството, односно Победа во Купот на Македонија.
Сепак, позицијата на табелата на двата тима им е прилично сигурна што можеби ја одзема дополнителната возбуда пред натпреварот. Шкендија има комотна предност од осум бода пред Вардар, а Академија Пандев е три поени зад скопските „црвено-црни“, но дури 12 пред останатите конкуренти за излез во фудбалска Европа.
Домашниот состав се соочува со проблеми во составот, неизвесен е настапот на неколку првотимци поради повреда и жолти картони.
Во првите два меѓусебни дуела сезонава, Шкендија не успеа да постигне ниту еден гол против „пандевци“. Првиот меч во Струмица заврши 0-0, а вториот во Тетово со победа на гостинскиот состав од 1-0. Денешниот меч ќе го суди најдобриот македонски арбитар, Александар Ставрев. Влезот на трибините чини 100 денари.
Затоа, пак, многу поинтересна е битката за опстанок, каде во моментов најзагорзени се Беласица, Победа и Силекс. Прилепчани ќе го пречекаат Вардар, Силекс игра на домашен терен против Македонија Ѓорче Петров, а Беласица му оди на Работнички. Единствен натпревар кој нема голема резултатско значење е оној меѓу Ренова и Шкупи.
До крајот на првенството има 11 натпревари и во игра се уште 33 поени, но шанси за поправен испит има сѐ помалку.

Двојки за денеска, 15.30 часот: Академија Пандев – Шкендија, Победа – Вардар, Ренова – Шкупи, Работнички – Беласица, Силекс – Македонија Ѓорче Петров.

Табела
1. Шкендија 25 17 5 3 56:18 56
2. Вардар 25 14 6 5 29:16 48
3. Академија Пандев 24 14 3 7 30:18 45
4. Ренова 25 8 9 8 31:31 33
5. Шкупи 25 9 6 10 24:25 33
6. Работнички 25 9 5 11 31:36 32
7. Македонија Ѓ.П. 25 7 9 9 28:35 30
8. Силекс 25 5 9 11 16:32 24
9. Беласица 25 5 7 13 21:36 22
10. Победа 24 5 3 16 19:38 18