Ајде на избори, сè е подготвено


Државната изборна комисија е подготвена да ги спроведе претседателските избори, чиј прв круг е закажан за в недела. Гласачкиот материјал што го изработи битолската печатница „Киро Дандаро“ пристигна во Скопје, од каде што ќе биде распореден низ 80 општински изборни комисии низ земјава.
„Сè се одвива беспрекорно и сметам дека в недела ќе нема никакви проблеми во смисла на квалитетот на гласачкиот материјал“, изјави претседателот на ДИК, Оливер Деркоски. Тој ги демантираше лажните вести за изгледот на гласачкото ливче, кои беа публикувани од социјални медиуми.
„Гласачкото ливче го содржи знамето на нашата држава, редните броеви на кандидатите, име и презиме на кандидатите и симболите на политичките партии кои дадоа согласност за тие симболи. Други ознаки на гласачкото ливче нема и нема потреба јавноста да се доведува во заблуда“, нагласи Деркоски.

Битолската печатница „Киро Дандаро“ и годинава доби задача да го изработи севкупниот изборен материјал за претстојниот изборен процес.
„Гласачкиот материјал е изработен на највисоко квалитетно и безбедносно ниво. Гласачките ливчиња имаат 21 заштита и е невозможно фалсификување на ниту еден лист. Посебна заштита има и за оригиналните записници и тие не може да се преправаат ниту копираат. Во печатницата се изработи и гласачкиот материјал за вонредните локални избори за градоначалник во Охрид, Дебар и Ново Село“, истакна Драги Милошевски, генерален директор на печатницата.

Точно 1.808.131 запишани гласачи имаат право на 21 април, а потоа и на 5 мај да го искажат своето граѓанско право и да одберат еден од тројцата кандидати за претседател. Отворени ќе бидат 3.480 избирачки места. В сабота на 32 гласачки места во дипломатските конзуларни претставништва ќе гласаат граѓани од дијаспората, при што се пријавиле 1.782 гласачи. Утре ќе гласаат и 3.583 болни и немоќни лица, 1.600 затвореници сместени во затвор или куќен притвор, како и седум раселени лица кои се пријавиле во ДИК за гласање.

Генералниот впечаток на институциите и организациите што ги следат изборните процеси e дека, со ситни забелешки, обезбедени се услови за фер и демократско гласање, што е и еден од условите за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Според нив, кампањата беше коректна, администрацијата и медиумите не беа под притисок како порано, а владините претставници се трудеа приватната поддршка кон Стево Пендаровски да ја изразат надвор од работното време и без службените возила и ресурси што им ги дава функцијата.
Во Основното јавно обвинителство потврдуваат дека годинава имаат многу помалку работа во однос на пријавите за кршење на изборните правила.
„ВМРО-ДПМНЕ пријави три случаи, кои се распоредени кај надлежен обвинител и по нив се постапува. Станува збор за најновиот предмет ‘Големо око’, потоа случајот со граѓанинот од Гостивар што се закани со пиштол до ДИК и за одземањето изборен материјал во Аеродром“, потенцираат од ОЈО.

И во невладината „Цивил“ немаат поголеми забелешки на досегашниот тек на кампањата, но алармираат за силно присуство на говорот на омраза во предизборието и во јавната комуникација. Тие бараат медиумите и јавноста да го осудат, а ДИК и Обвинителството да го санкционираат ваквиот начин на изразување потсетувајќи оти патеката од говорот на омразата до кривични дела сторени од омраза е кратка, а последиците несогледливи.
„Дел од претседателските кандидати се служат со прикриен, но неретко и отворен говор на омраза. Тоа најчесто се забележува во јавните настапи на кандидатката Гордана Силјановска-Давкова и високите претставници на партијата што ја поддржува“, посочуваат од „Цивил“ и дополнуваат дека од друга страна, на собир за поддршка на Пендаровски, еден од присутните се заканил дека ќе оди со пиштол во ДИК, додека министрите на ДУИ кога водат локална кампања во Дебар, им се закануваат на дебрани дека градот ќе добие подобра инфраструктура единствено доколку победи нивниот кандидат за градоначалник.
„Говорот на омразата не е слобода на говорот, туку негова спротивност. Кампањите се платени од буџетот на државата. Политичките и други субјекти што се вклучуваат во јавната комуникација немаат право на злоупотреба на социјалните мрежи, медиумите и јавниот простор за ширење на омразата и внесување страв и несигурност кај граѓаните“, заклучуваат во оваа невладина организација.

И Антикорупциската комисија добиваше поплаки од ВМРО-ДПМНЕ, но по разгледувањето, констатира неправилности при исплатата на 1,25 милиони евра на лозарите кога веќе биле распишани изборите, а отвори и истрага за исплата на 27 милиони евра на тутунарите за ланската реколта, додека градоначалникот на Штип ќе мора да објаснува зошто среде кампања делел дрва на социјално загрозени лица во градот.

Момировски бара разврска за апликацијата

Горан Момировски, портпарол на изборниот штаб на Гордана Силјановска-Давкова, вчера побара МВР и Обвинителство што поскоро да го разјаснат случајот за, како што вели, андроид-апликацијата на СДСМ: „Избори 2019 година“ за која има сериозни индикации дека складира лични податоци на граѓаните. Покрај тоа, Момировски дополни дека не се утврдени ниту околностите од хакерскиот упад во ДИК пред петнаесетина дена, кога и била покрената спорната апликација, поради што праша дали има поврзаност меѓу двете работи.
„Лицето, кое во 2016 година било претставник на СДСМ во ДИК и ги прочистувало избирачките списоци, а наедно имало пристап до целата евиденција и матичните броеви на граѓаните, е автор на апликацијата преку која СДСМ собирала информации од граѓаните и ги пренесувала на серверот“, тврди Момировски.

Горан Адамовски