АБА2 финале: МЗТ мора да победи за да остане во игра


Вкупно 45 поени негатива (95-72 и 93-71) донесоа во Скопје кошаркарите на МЗТ Скопје по двата финални натпревари од втората АБА-лига против Приморска во Копер. Словенците изненадувачки лесно се справија со македонскиот вицешампион и поведоа со 2-0 во серијата до три победи што значи дека само уште еден триумф им недостига да ја освојат лигата и од идната сезона да играат во прволигашка конкуренција.

Во НБА-ритам, серијата сега се сели во Скопје, каде вечерва, а по потреба и утре ќе се играат два натпревари. Евентуалната мајсторка, во случај МЗТ да победи во двата дуели, се игра во недела во Копер.

Аеродромци сезонава не успеаја да добијат ниту еден од четирите дуели со Приморска, но во регуларниот дел од сезоната, беа во егал, па на домашен терен изгубија со поен разлика, а на гости стигнаа и до продолжение. Токму затоа, шокантно изгледаат резултатите, а уште повеќе играта во првите финални мечеви. Свесен за тоа е и тренерот Ѓорѓи Кочов, кој вели дека првите полувремиња личеле на нешто, додека вторите се за секоја осуда.

Иста е приказната и во понеделникот и во вторникот. Во првото полувреме ќе одиграме коректно, ќе имаме мал пад во одбраната и домаќинот ќе ни се одвои. Потоа, се обидуваме да се вратиме, но не успеавме. Мојата екипа беше непрепознатлива. Притисокот никако не смее да ни биде изговор, бидејќи во нашите редови имаме искусни кошаркари“, признава стратегот на МЗТ.

Доколку не се случи пресврт, македонскиот вицешампион ќе има уште една шанса да се пласира во најквалитетната конкуренција на Јадранот преку бараж средби со Задар, кој заврши претпоследен во првата АБА-лига.