Пендаровски води пред Силјановска-Давкова


Претседателскиот кандидат на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, во првиот круг ќе води со предност од 3,7 отсто пред кандидатката од опозицијата, Гордана Силјановска-Давкова. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење на Институтот за демократија и МЦМС нарачано од телевизија Телма. Според анкетата, третиот кандидат на претседателските избори зад кој застанаа Алијансата на Албанците и Беса, Блерим Река, убедливо заостанува зад фаворитите за вториот круг. За него, според истражувањето, ќе гласаат 11 отсто од граѓаните, за Силјановска-Давкова 23,5, а за Пендаровски 27,2.

Поголемиот број граѓани со македонско етничко потекло или 32,6 отсто би гласале за Силјановска-Давкова, наспроти 28,6 отсто за Пендаровски, кој за разлика од неа ужива солидна поддршка и кај Албанците кои, сепак, во најголем број ќе гласаат за Река. Поточно 41,6 отсто од испитаниците Албанци одговориле дека ќе гласаат за Река, додека за Пендаровски, за кого изборна кампања води и ДУИ, двојно помалку – 20,5 отсто.

Од регионален аспект, истражувањето покажува дека Силјановска-Давкова има предност во Скопскиот и во Источниот регион од 2,5 отсто, додека во другите региони Вардарскиот, Југоисточниот, Југозападниот… повеќето гласачи се изјасниле за Пендаровски. Таа предност максимум се движи до плус три отсто. Во Полошкиот регион, пак, очекувано доминира Река.

На прашањето дали ќе излезете да гласате на претседателските избори, 68,1 отсто одговориле потврдно, 22,5 отсто рекле дека нема да излезат на гласање, а 8,9 се неодлучни.

На скалата на веројатноста од еден до десет, 41,8 отсто од испитаниците рекле дека сигурно ќе излезат на гласање, додека 18,3 дека сигурно ќе апстинираат.  Телефонската анкета е спроведена на повеќеслоен стратифициран примерок од 967 испитаници постари од 18 години, национално репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност и место на живеење. Анкетирањето е правено на македонски и на албански јазик. Сите резултати се подложни на статистичка грешка од 3,15% со прифатливо ниво на доверба од 95%.