Бразил: Флавио Болсонаро ги загуби претседателските избори и избега од земјата

Крајниот десничар наводно побегнал од Бразил во Аргентина по шумски пат, а пријатели на семејството велат дека тој бил на пат кон САД


Флавио Болсонаро е син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро

 

Сенаторот од крајната десница, Флавио Болсонаро, наводно побегнал од Бразил и е на пат кон Соединетите Држави, откако на претседателските избори во неделата загуби од левичарскиот кандидат Луиз Инасио Лула да Силва.

Според извештај на информативниот портал „Метрополес“, кој се повикува на лица блиски до семејството на политичарот, тој е на пат кон САД. „Авионот е во лет“, објави „Метрополес“, без да прецизира од каде полетал.

Сојузници на Болсонаро изјавија за „Метрополес“ дека тој треба да слета на Флорида во вторник попладне и дека планира да побара политички азил. „Администрацијата на Доналд Трамп е информирана“, додава порталот.

Сојузниците исто така потврдија за весникот „Фолја де С. Пауло“ (Folha de S. Paulo) дека тој е на пат кон САД, наведувајќи дека планот за бегство бил „организиран и овозможен од адвокат близок до кланот Болсонаро“.

„Велат дека авионот би требало да слета за неколку часа“, додава весникот.

Мрежата Си-Ен-Ен Бразил објави дека Болсонаро побегнал во САД заедно со сопругата и двете ќерки, во раните утрински часови денес.

Пратеници од Работничката партија (ПТ) на Лула побараа од Врховниот суд да нареди апсење на Болсонаро, како и неговото име да биде ставено на листата за „црвена потерница“ на Интерпол.

Болсонаро не е виден уште од понеделникот, а во вторникот наутро пропушти да го предаде својот пасош на федералната полиција – што дополнително ги поттикна шпекулациите дека можеби побегнал од Бразил по поразот во неделата.

Во извештај на бразилскиот весник „О Глобо“ се наведува дека за време на средба со пријатели и адвокати во понеделникот, поразениот кандидат изгледал „како опседнат“ и јасно ставил до знаење дека стравува оти ќе биде уапсен.

Судија од Врховниот суд, во рамките на одлука поврзана со кривичен предмет против сенаторот, го поништи пасошот на Болсонаро само неколку минути по објавувањето на изборните резултати. Тој имаше рок до 11 часот да го предаде документот на федералната полиција, но не се појави.

Болсонаро поседува италијанско државјанство уште од 2023 година и, наводно, има пасош од оваа европска земја.

Аргентинскиот информативен портал „Инфобае“ објави дека тој, наводно, во понеделникот вечерта побегнал во Аргентина, каде што во Пуерто Игуазу требало да се качи на приватен авион за САД, но леталото не полетало.

Болсонаро, кој сè уште не го признал поразот од Луиз Инасио Лула да Силва, во понеделникот објави видео во кое, осврнувајќи се на поништувањето на неговиот пасош, изјави: „Никогаш не сум размислувал да ја напуштам земјата“.

Еден од браќата на сенаторот, поранешниот конгресмен Едуардо Болсонаро, кој се наоѓа во доброволен егзил во САД, минатиот петок во едно интервју изјави дека неговиот брат би требало да го напушти Бразил доколку изгуби.

Бразилскиот весник „Фолха де С. Пауло“ објави дека на сојузниците од најтесниот круг на семејството Болсонаро им било кажано оти тој навистина заминал за Аргентина и имал намера оттаму да отпатува за САД.

Бидејќи нема евиденција дека тој поминал низ некој од редовните бразилски гранични премини, федералната полиција се обидува да утврди, преку аргентинските власти, дали постои некаков запис за неговиот влез во таа земја.

Аргентинскиот канал „Тодо нотисиас“ објави дека сенаторот, наводно, пеш ја преминал границата со Аргентина и се откажал од планот да се качи во авионот откако веста за неговото движење протекла во јавноста.

На Болсонаро му беше наредено да го предаде својот пасош во рамките на кривична постапка, во која федералната полиција го истражува за можна вмешаност во шема за перење пари, вредна околу 905 милиони долари, во која се вклучени компании за обложување.

Можното бегство на сенаторот ја прави иднината на крајната десница по претседателските избори уште понеизвесна. Патријархот на семејството, Жаир Болсонаро, се наоѓа во домашен притвор поради обид за државен удар, еден од неговите синови е во САД, додека за другиот не се знае каде се наоѓа.

Против Едуардо Болсонаро во Бразил е издаден налог за апсење, откако тој беше осуден на четири години затвор поради обид да влијае врз судскиот процес против неговиот татко, лобирајќи кај Доналд Трамп да воведе санкции за судиите што го воделе случајот.

Политикологот Магна Инасио, професорка на Федералниот универзитет во Минас Жераис, смета дека во рамките на десницата сега може да настане вакуум во власта.

„Отпорот на бразилските гласачи да му ја препуштат победата на овој, поекстремистички табор, испраќа сигнал дека лидерството на десницата сега е отворено за преземање“, вели таа.

Откако Жаир Болсонаро – тогаш конгресмен со долга кариера, но без значителен број закони зад себе – изненадувачки победи на претседателските избори во 2018 година, во Бразил практично престана да постои десница; остана само движењето на крајната десница, познато како „болсонаризам“.

Камила Роча, политиколог која ја проучува новата десница во Бразил, смета дека фактот што тројца од семејството Болсонаро сега можеби се надвор од игра, би можел да предизвика „прераспределба на моќта“ – подалеку од семејните врски.

„Мислам дека постои тенденција моќта да се оддалечи од синовите“, вели Роча, истакнувајќи дека пред изборите, анкетите покажале оти поддржувачите на Жаир Болсонаро претпочитале други потенцијални кандидати пред неговиот најстар син. Меѓу нив биле сопругата на Жаир Болсонаро, Мишел Болсонаро – која неодамна беше избрана за сенатор – како и гувернерот на Сао Пауло, Тарсисио де Фреитас.

Наводно, Флавио Болсонаро не сакал да се кандидира бидејќи сметал дека претседателската кампања ќе му го претвори животот во „пекол“, а верувал и дека неговиот реизбор во Сенатот е загарантиран. Но, со оглед на тоа што Едуардо – „планот А“ на неговиот татко – сега живее во САД, токму сенаторот бил избран да влезе во трката.

Повеќето набљудувачи се согласуваат дека на Флавио му недостасува харизмата на неговиот татко. Тој има 24-годишна политичка кариера, во текот на која, како државен пратеник и сенатор, иницирал усвојување на многу мал број закони. Единствениот претходен обид да освои извршна функција бил во 2016 година, кога се кандидираше за градоначалник на Рио де Жанеиро – при што се онесвести за време на телевизиска дебата и на крајот заврши на четвртото место.

Сепак, во неделата, 48,21 отсто од Бразилците гласаа за Флавио Болсонаро. Многу аналитичари тоа го толкуваат истовремено како глас против Лула, но и како глас за кој било кандидат што би го избрал Жаир Болсонаро.

Инасио смета дека борбата за наследството на Болсонаро ќе се одвива и меѓу членовите на семејството кои остануваат во Бразил – вклучително и Мишел, како и другите синови на Болсонаро кои се занимаваат со политика: новоизбраниот сенатор Карлос Болсонаро и новоизбраниот конгресмен Жаир Ренан Болсонаро. Тие, пак, јавно покажуваат дека не се во добри односи со својата маќеа. „Мишел очигледно има свој сопствен политички проект, но веројатно ќе наиде на силен отпор од двајцата посиноци кои се во Конгресот. Само прашање на време е кога тензиите меѓу нив ќе се зголемат“, изјави политикологот. (Гардијан)