Израел денес решава каква држава сака да биде

Изборите не се само референдум за лидерството на Нетанјаху, туку и дали Израел ќе биде под силно влијание на верските сили или втемелен во либералните вредности


Долги редици на избирачко место во тел Авив (Фото: АП)

 

Израелците денеска гласаат на клучни избори, додека нивната земја се соочува со нерешени војни, сè уште ги чувствува последиците од нападот на Хамас во 2023 година и е длабоко поделена околу карактерот на државата и личноста што треба да ја води.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој гласаше веднаш по пладне, се соочува со низа партии кои се обидуваат да го симнат од власт израелскиот премиер со најдолг стаж. Анкетите на јавното мислење укажуваат на тесна трка со неговиот главен ривал, поранешниот началник на Генералштабот, Гади Ајзенкот. Повеќе од 7 милиони луѓе имаат право на глас, а според извештаите, десетици илјади пристигнале од странство.

„Ова е многу трогателен и судбоносен момент“, изјави Нетанјаху. По гласањето, тој им рече на новинарите дека верува оти арапските партии, кои би можеле да бидат одлучувачки за исходот на изборите, „добиваат огромна, навистина огромна поддршка. Тие излегуваат на гласање во бројки какви што досега не се видени“.

Ајзенкот ги повика гласачите да не подлегнуваат на „тактиките на заплашување“, какви што Нетанјаху користел и претходно.

Според податоците на Централната изборна комисија, до пладне гласале повеќе од 31% од Израелците, што претставува највисока излезност до пладне уште од 1973 година.

Во рамките на Израел, трката главно се фокусира на безбедноста и на прашањето кој треба да служи во одбрана на земјата. Надвор од Израел, фокусот е главно на угледот на земјата – како и на безбедноста на Евреите ширум светот – со оглед на тоа што се засилуваат критиките во врска со војната во Газа и насилството од страна на еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег.

Арапските партии најавуваат силен резултат

Во израелскиот политички систем, кој се одликува со фрагментиран парламент, ниту една партија досега нема освоено апсолутно парламентарно мнозинство. Постои можност ниту коалицијата на Нетанјаху, составена од религиозни и ултранационалистички партии, ниту пак групата партии што се надеваат на негово отстранување од власт, да немаат доволна поддршка за мнозинство. Тоа би можело да доведе до повеќенеделни преговори пред да се одреди кој ќе ја предводи владата.

Партиите предводени од Арапи во Израел би можеле да станат „клучниот фактор“ за формирање влада – доколку другите партии се согласат да соработуваат со нив.

„Нашиот глас ќе ја промени владата“, изјави Мансур Абас, лидер на исламистичката партија Раам, додека гласаше. Тој додаде дека се надева оти излезноста во арапските заедници ќе надмине 70 отсто. Арапите во Израел сочинуваат околу 20 проценти од населението.

Израелскиот министер за национална безбедност од крајната десница, Итамар Бен-Гвир – познат по тоа што ги провоцира палестинските затвореници и изјавува дека некои Палестинци во Газа „дури и не се луѓе“ – предупреди дека, доколку Нетанјаху и неговите сојузници не победат, „тоа ќе биде влада на Мансур Абас“.

Една организација за човекови права, Здружението за граѓански права во Израел, поднесе претставка до изборната комисија, предупредувајќи дека масовните доцнења би можеле да го попречат гласањето на палестинските граѓани. Сепак, секој што ќе се затекне во ред во моментот кога ќе се затворат избирачките места, има право да гласа.

Кај некои гласачи емоциите се силни

На места, емоциите беа силни. Во Кирјат Шмона, упориште на Нетанјаху близу границата со Либан, еден човек шутна и скина постер од Ајзенкот.

Овие избори се првото национално гласање во Израел по нападот од 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика војната во Газа и поврзаните конфликти. Во Тел Авив, семејствата на некои од загинатите на 7 октомври, како и поранешни заложници, одржаа минута молчење. „Потсетете се на сите оние чии гласови веќе ги нема“, рече Јона Адам, чија ќерка Мапал Адам беше убиена.

Околу 330.000 млади Израелци, од кои многумина се соочуваат со задолжителен воен рок во сенката на војната, за првпат имаат право на глас.

Гласањето во Израел со врши со тоа што се земаат ливчиња со имињата на партиите (Фото: ЕПА)

Ајзенкот го започна денот со посета на заедниците што беа нападнати на 7 октомври. „Кога некој во владата би имал барем трошка одговорност, утрото ќе го започнеше овде“, рече тој, мислејќи на заедниците во близина на Газа.

Откако гласаше, стоејќи пред насобрани што го поздравуваа, Ајзенкот ги повика сите Израелци да излезат на гласање за да се ослободат од „најлошата влада што некогаш ја имал Израел“. Тој истакна дека победата не е сигурна, додавајќи дека „ова е можеби најкритичниот ден од основањето на државата“.

Партијата Јашар на Ајзенкот соопшти дека поднела итна претставка поради девет инциденти во кои гласачките ливчиња на партијата недостасувале, биле оштетени или превртени во гласачките кабини, сугерирајќи дека станува збор за „систематски и намерен“ обид за саботажа.

Генерално, вршителот на должноста генерален директор на изборната комисија, Дин Ливне, изјави дека бројот на пријави за неправилности или проблеми на избирачките места е значително помал отколку на претходните избори.

Овие избори не претставуваат само референдум за лидерството на Нетанјаху, туку и за тоа каков вид држава треба да биде Израел – дали ќе биде под силно влијание на верските и националистичките сили, или пак поцврсто втемелен во либералните и секуларните вредности.

Израел се најде во сè поголема изолација поради своето постапување во Газа и на Западниот Брег. Јавната поддршка меѓу Американците драстично опадна, а партнерите во Европа и на други места воведоа санкции против Израел. Нетанјаху се соочува со налог за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд поради наводни злосторства против човештвото во Газа.

Исто така, над изборите лебдат и постојаните тензии со Иран. Пред гласањето, Нетанјаху ги засили заканите, предупредувајќи го Техеран дека ќе се соочи со „разорен удар“ доколку го нападне Израел.

Поддржувачите на Нетанјаху го гледаат како сигурен лидер и врвен државник, кој, според нив, триумфално го водел Израел низ повеќе војни. Тие сметаат дека тој го штити еврејскиот идентитет на Израел, истовремено ограничувајќи го она што тие го доживуваат како интервенционистичко судство.

Неговите израелски критичари го гледаат како лидер што предизвикува длабоки поделби, кој – соочен со тековен судски процес за корупција – ги одолговлекувал војната во Газа и кризата со заложниците од политички причини. Тие велат дека тој го поткопува независното судство на Израел и ги слабее темелите на неговата демократија. Исто така, го обвинуваат дека поддржува систем што им овозможува на ултраортодоксните Евреи да избегнат служење во задолжителната израелска војска.

„Сегашната влада ја турка земјата во пропаст“, ​​изјави гласачката Анџела Бенгур во Ерусалим.

Поддржувачите го сметаат Ајзенкот за способен лидер со беспрекорно искуство во безбедносниот сектор, кој, заедно со неговите потенцијални коалициски партнери, би можел да послужи како брана против растечкиот нелиберализам. Бидејќи и самиот е лично погоден од конфликтот – неговиот син и двајца внуци загинаа во Газа – оние што го поддржуваат веруваат дека тој длабоко ја чувствува болката што сè уште е присутна во Израел.

Партиите што најверојатно би го поддржале Ајзенкот ветија дека ќе ја подобрат меѓународната положба на Израел, ќе работат на воведување задолжителна воена служба за ултраортодоксните мажи и ќе ја зајакнат независноста на судството.

Изборите се сведуваат на прашањето: „Кој служи, а кој ја избегнува службата – кој зема активно учество во изградбата на оваа земја, а кој не?“, вели гласачот Нисо Шитрит во Јафа. (АП)