Болсонаро избегал во САД по поразот на изборите во Бразил
По поразот од актуелниот левичарски претседател Луиз Инасио Лула да Силва на претседателските избори во Бразил одржани во неделата, десничарскиот сенатор Флавио Болсонаро (45) избега од Бразил во САД, каде што поддршка му пружи неговиот сојузник, американскиот претседател Доналд Трамп, јавно критикувајќи го исходот од изборите.
Трамп вчера, еден ден по гласањето во Бразил, изјави дека тоа „изгледало како уште едни наместени избори“. Таа изјава се совпадна со првичното одбивање на Флавио Болсонаро да го признае поразот.
И покрај гласната поддршка, според пишувањето на весникот „Вашингтон пост“ во понеделникот, Трамп стави до знаење дека нема директно да интервенира во корист на Болсонаро, што го наведе Болсонаро да се откаже од оспорувањето на резултатите од гласањето.
Потоа, лидерот на Либералната партија на Болсонаро, Валдемар Коста Нето, официјално соопшти дека партијата ги признава изборните резултати.
Судијата на Врховниот суд на Бразил, Алешандре де Мораес, вчера му наложи на Болсонаро во рок од 24 часа да ги предаде своите обични и дипломатски пасоши, во рамките на истрага за перење пари. Рокот за тоа истече денеска напладне, па сојузната полиција ги поништи неговите пасоши.
Болсонаро сепак го напушти Бразил, а не се знае како и со кои документи. Според извори на Си-ен-ен, тој отпатувал за Мајами, на Флорида, со сопругата и ќерките.
Медиумите „Метрополес“ и „Фоља де С. Пауло“ пренесуваат дека Флавио Болсонаро има намера да побара политички азил во САД. Неговите сојузници тврдат дека администрацијата на Трамп е веќе известена за неговото патување и оти има намера да му одобри азил.
Болсонаро е под истрага на највисокиот суд во Бразил поради наводно перење пари, корупција и незаконско изнесување валута – обвинувања кои тој ги негира. Иако во моментот на заминувањето не постоеше активен налог за апсење, правните експерти оценуваат дека кршењето на налогот во врска со предавањето на пасошите претставува основа за издавање таков налог.
Бидејќи властите ги поништија неговите пасоши откако не ги предаде, нејасно е како го напуштил Бразил, како и која документација ќе ја користи за влез во САД. Сепак, податоците укажуваат на тоа дека Болсонаро поседува и важечко италијанско државјанство.
Официјален претставник на бразилската сојузна полиција изјави дека Флавио Болсонаро не ја напуштил земјата преку официјален граничен премин.
Флавио Болсонаро постапи како и неговите други роднини: неговиот помлад брат Едуардо (42) живее во Тексас, а неговиот татко, поранешниот претседател Жаир Болсонаро (71), исто така побегна во САД и тоа исто така по поразот на изборите во 2022 година, но подоцна се врати во Бразил и е осуден на 27 години домашен притвор поради планирање државен удар.