Мнозинството гласачи во Израел ја поддржаа опозиција, Ликуд најголема партија, покажуваат излезните анкети
Според трите излезни анкети владината коалиција на Бенјамин нетанјаху нема предност. Најдобар резултат досега на арапските партии
Партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху освои најмногу гласови на изборите во Израел во вторникот, но ниту еден од двата политички табора во Израел нема јасен пат кон формирање влада, покажуваат излезните анкети на Канал 12.
Според излезните анкети, блокот од еврејските партии, кои му се спротивставуваат на Нетанјаху, е најголем и се очекува да освои вкупно 52 пратенички места, наспроти 50-те места за партиите што го поддржуваат премиерот. Ниту еден од нив не е блиску до мнозинството од 61 пратеник во Кнесетот, кој брои 120 места. За партиите предводени од Арапи, кои исто така се против Нетанјаху, се очекува да освојат вкупно 18 места, што е рекорден број за тој политички сектор.
Ликуд би требало да освои 24 места во Кнесетот, покажуваат излезните анкети, додека центристичката опозициска партија, предводена од Гади Ајзенкот, ќе освои 22 места.
Отсуството на јасен победник е во согласност со анкетите спроведувани со недели наназад, кои предвидуваа неизвесен изборен исход. Ова укажува дека во наредните денови и недели, партиите и нивните лидери ќе преговараат меѓусебно во обид да обезбедат доволна поддршка за формирање влада – можно е и со поддршка од партиите предводени од Арапи, кои вообичаено не се приклучуваат кон владејачките коалиции.
И Нетанјаху и Ајзенкот би можеле да прогласат победа и да побараат од претседателот Исак Херцог да им ја даде првата можност за формирање влада, со оглед на тоа што Нетанјаху ја предводи најголемата партија, а Ајзенкот го предводи најголемиот блок.
Сепак, постои и можност ниту Нетанјаху, ниту неговите противници да не успеат да состават коалиција. Во таков случај, во Израел би можело да дојде до повторување на изборите, при што Нетанјаху би останал на функцијата како премиер во техничка влада. Тоа би било повторување на ситуацијата од периодот меѓу 2019 и 2022 година, кога во земјата се одржаа пет изборни циклуси.
Излезните анкети се објавени во момент кога Централната изборна комисија започна со броење на гласовите. Комисијата ќе ги соопштува официјалните податоци во текот на ноќта, а реалните резултати честопати се разликуваат од проекциите добиени преку излезните анкети. На третото место, според излезните анкети, се наоѓа опозициската партија „Б’Јахад“, предводена од поранешниот премиер Нафтали Бенет, со 12 пратенички места, а потоа следи арапската коалиција „Заедничката листа“.
Левичарските Демократи треба да имаат девет места. Двете ултрадесничарски партии кои сега се во владата – Оцма Јехудит и Религиозен ционизам – треба да освојат по чест пратенички места. За вториот арапски учесник на изборите, изламистичката Ра’ам, се предвидуваат седум места, а за секуларистичката и националистичка Израел Беитеану, за која гласаат главно доселениците од советскиот простор се предвидуваат 9 места.
Гади Ајзенкот ги поздрави резултатите од излезните анкети како „победа на мејнстрим мнозинството во Израел“ и вети дека ќе го замени Нетанјаху со „ционистичка влада“.„Резултатите од излезните анкети укажуваат на целосна недоверба кон Нетанјаху и владата од 7 октомври“.
Тој додаде: „Веднаш ќе дејствувам за да ја спроведам одлуката на народот – да се замени владата на Нетанјаху и, во најкус можен рок, да се формира ционистичка влада за мобилизација“.
Излезноста на изборите беше екстремно висока. Според последните податоци, во 20 часот таа изнесуваше 74,3 отсто, што е повеќе од вкупното гласање во 2022. Во Израел гласањето трае до 22 часот.