8 септември во историјата – Њу Амстердам стана Њујорк
Холандскиот гувернер Петер Стујвесант го предава Њу Амстердам, главниот град на Нова Холандија, на англиската поморска ескадрила под полковник Ричард Николс. Стујвесант се надеваше дека ќе им се спротивстави на Англичаните, но тој беше непопуларен владетел, а неговите холандски поданици одбија да му дадат поддршка. По неговото заземање, името на Њу Амстердам беше променето во Њујорк, во чест на војводата од Јорк, кој ја организираше мисијата.
Колонијата Нова Холандија беше основана од холандската Западноиндиска компанија во 1624 година и порасна за да го опфати целиот денешен Њујорк и делови од Лонг Ајленд, Конектикат и Њу Џерси. Успешната холандска населба во колонијата порасна на јужниот крај на островот Менхетен и беше крстена Њу Амстердам.
За да ги легитимизира холандските претензии кон Њу Амстердам, холандскиот гувернер Питер Минуит формално го купи Менхетен од локалното племе од кое го добива името во 1626 година. Според легендата, Мехетанците, индијанското племе, се согласиле да го продаат островот за дрангулии во вредност од само 24 долари. Меѓутоа, бидејќи тие не ги познавале европските обичаи на имот и договори, не поминало долго пред Менхетенците да влезат во вооружен конфликт со проширената холандската населба во Њу Амстердам. Почнувајќи од 1641 година, се водеше долготрајна војна помеѓу колонистите и Менхетенците, што резултираше со смрт на повеќе од 1.000 Индијанци и доселеници.
Во 1664 година, Њу Амстердам помина под англиска контрола, а англиските и холандските доселеници живееја заедно мирно. Во 1673 година, имаше краток прекин на англиското владеење кога Холандија привремено ја врати населбата. Во 1674 година, Њујорк беше вратен на Англичаните, а во 1686 година стана првиот град во колониите што добил кралска повелба. По американската револуција, тој стана првиот главен град на Соединетите Држави.