30.000 деца мигранти годинава се обиделе да го преминат смртоносниот Панамски премин


Детската агенција на ОН УНИЦЕФ предупреди дека сѐ повеќе деца мигранти се обидуваат да ја преминат опасна по живот зона на Панамскиот премин наречен Дариен меѓу Централна и Јужна Америка.

Премиот на Панама е составен од планини, мочуришта и џунгли, а таму нема патишта или сили за одржување на редот и мирот.

УНИЦЕФ во средата во Панама Сити го претстави извештајот кој покажа дека во првите четири месеци од оваа година, повеќе од 30.000 малолетници тргнале на патување од околу 100 километри северно низ просторот што ја дели Панама од Колумбија.

Ова е за 40 отсто повеќе во однос на истиот период лани.

Околу 2.000 деца беа без придружба.

2.000 деца без придружба: „Многу загинаа на пат“
Според УНИЦЕФ, детската миграција низ Панамскиот премин веројатно ќе забележи рекордни бројки петти пат по ред оваа година.

„Преминот на Панама не е место за деца“, рече заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Тед Чајбан.

„Многу деца загинаа на тоа напорно, опасно патување“, додаде.

Оние кои преживеале пристигнуваат на својата дестинација болни, гладни, дехидрирани и често повредени. Некои деца дури се раѓаат од мајки во џунглата под многу тешки услови.

Меѓународниот Црвен крст го опишува патувањето низ џунглата, кое, според хуманитарната организација Лекари без граници, трае од 3 до 15 дена, како еден од најопасните миграциски рути во светот.

Оние кои го завршуваат често се физички и психички трауматизирани. Мигрантите не се само изложени на опасностите од дивата природа. Тие, исто така, често се жртви на насилство од криминални групи и сексуални напади.

Над половина милион луѓе ја поминаа таа рута минатата година, вклучувајќи 113.000 деца.