13 лица уапсени за шумскиот пожар предизвикан од огномет во Грција


Грчките власти вчера уапсиле 13 лица откако огномет лансиран од јахта предизвика шумски пожар на остров во близина на Атина, пишува Гардијан.

Градоначалникот на островот Хидра изрази „огорченост“ и вети правна постапка против одговорните.

„Последниот пожар е предизвикан од огномет лансиран од брод и ја изгоре единствената борова шума на островот на место кое е тешко пристапно“, објави противпожарниот тим на Хидра на Фејсбук.

Тринаесет лица обвинети за вмешаност во огнометот се уапсени по истрагата на противпожарната служба и ќе бидат изведени пред обвинител, се вели во соопштението на противпожарната служба.

Нема повеќе информации за осомничените.

Грција ги заостри казните за подметнување пожар, а на сторителите сега им се заканува затворска казна до 20 години и парични казни до 200.000 евра.

Покрај повикот за правна постапка за „неодговорните“ луѓе зад огнометот, градоначалникот на Хидра, Јоргос Кукудакис, изјави за јавниот радиодифузер ЕРТ дека властите мора да создадат повеќе патишта низ шумите.

Службата за цивилна заштита повика на екстремна внимателност бидејќи ризикот од пожари е „многу голем“ во овој период.

Грција се подготвува за тешко лето, а властите предупредуваат дека силниот ветер и високите температури ја зголемуваат опасноста. 

По најтоплата зима досега, Грција го забележа првиот топлотен бран оваа година минатата недела, при што температурите се искачија над 44 степени Целзиусови на некои локации.

Пожарникарите во петокот гаснеа шумски пожари разгорени од тридневните жестоки ветрови при кои почина 55-годишен маж.

Минатата година, жестокиот двонеделен топлотен бран беше проследен со разорни шумски пожари во кои загинаа 20 лица.