Џес Бејли: Ова е монументален момент за Македонија


Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, во одобрувањето на преспанскиот договор гледа шанса за граѓаните да одберат подобра иднина. САД, според него, стојат силно зад поканата на НАТО, иако крајниот збор го има Сенатот. Во интервјуто за „Независен весник“ тој повикува на отворена расправа во земјата за вредноста на договорот со Грција, порачувајќи дека тој лично не гледа подобра шанса за земјата во следната деценија.

Господине амбасадоре, што ќе им кажете на оние што се противат на договорот за името и се подготвени да му кажат „не“ на членството во НАТО?

– Најпрво, сакам да истакнам колку монументален е овој момент за Македонија. По 26 години барање да влезете во НАТО и во ЕУ, граѓаните сега имаат можност да го сторат токму тоа. Ако граѓаните на Македонија го поддржат одењето напред со преспанскиот договор, тие ќе изберат иднина со поголема безбедност, стабилност и напредок во НАТО, како и место на масата на најуспешниот безбедносен сојуз во светот.

Јас разбирам дека преспанскиот договор е компромис и дека граѓаните се разочарани од некои делови од него, но искрено не верувам дека ќе се појави подобра можност во следната деценија. Се надеваме дека ќе има отворена расправа меѓу граѓаните за вредностите на договорот. Се разбира, противниците на договорот имаат право да го изразат своето противење и да гласаат против него.

Во изминатите неколку години, неколку луѓе во Македонија ми изразија стравување дека таа ќе биде поделена некако, вклучувајќи и од нејзините соседи. Ако Македонија се приклучи на НАТО, вашите соседи – Бугарија, Грција и Албанија – ќе станат ваши сојузници, обврзани да го бранат вашиот територијален интегритет и суверенитет. И вие нив. Тоа е моќна порака по еден век исполнет со конфликти.

Дали гледате каква било можна пречка во САД за ратификација на членството на Македонија?

– Бевме многу јасни во нашата поддршка за приемот на Македонија во НАТО и со нетрпение очекуваме да ја поздравиме Македонија како 30-та членка под новото име, „Република Северна Македонија“. Меѓутоа, во САД, извршната власт го нема последниот збор. Тоа ќе биде Сенатот кој ќе мора да ја ратификува новата членка на НАТО.

Како го коментирате однесувањето на нашиот претседател Ѓорге Иванов кој не честиташе за поканата, а за време на најзначајните денови за Македонија по подолг период отиде во посета на Турција? Каква порака е тоа?

– Претседателот Иванов одамна ја изрази својата поддршка за иднината на Македонија во НАТО и во ЕУ, вклучително и во разговори со мене. Се надевам дека тој ќе го поддржи напредувањето на процесот. Тој ја изрази својата загриженост во врска со преспанскиот договор, но парламентот двапати гласаше за ратификација. Наскоро граѓаните на Македонија ќе имаат можност да го изразат својот став. Повторно, договорот со Грција вклучува тешки компромиси, но исто така претставува историска можност за обезбедување на иднината на земјата во семејството на западните демократии, во НАТО и во ЕУ, со новото име „Република Северна Македонија“.

Има прослави, но и протести во земјата. Дали се согласувате дека опструкциите опстануваат како водечка политика во Македонија?

– Луѓето секако имаат право да протестираат мирно. Тоа е еден од основните принципи на нашата – или која било – демократија. Се надевам, на крајот, дека сепак сите го почитуваат правото на граѓаните на Македонија да го изразат своето мислење за преспанскиот договор и за пристапувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ преку референдумот.

Дали сте загрижени дека проблемите околу формирањето на новата Државна изборна комисија може да го продолжат или дури и да го сопрат референдумот за договорот за името?

– Повторно, само ќе речам дека македонските граѓани имаат право да гласаат и да го изразат своето мислење за преспанскиот договор. Тоа е нешто што ние сакаме да видиме дека оди напред. Ова го вклучува изборот на новата Државна изборна комисија која ќе го надгледува референдумскиот процес. Како што обезбедивме на претходните избори и референдуми, доколку биде побарано, САД повторно ќе обезбедат помош за Државната изборна комисија, така што таа ќе може да организира слободен, фер и ефикасен процес на гласање.

Како ги коментирате барањата на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ да им даде амнестија на оние што се осудени за настаните од 27 април во парламентот? Дали такво барање може да се сфати сериозно?

– Подобрувањето на владеењето на правото е еден од главните приоритети на оваа земја. Тоа е јасно во владините планови за реформи, за процесот на ЕУ и за членството во НАТО. Обвиненијата за случаите од 27 април се сериозни обвиненија. САД неколкупати кажаа дека организаторите и извршителите на нападите треба да бидат одговорни за своите постапки. Во исто време, сите поединци имаат право на пресумпција на невиност. Важно е правниот процес да продолжи на темелен, непристрасен и независен начин.

Таквите високопрофилни случаи ќе ги тестираат институциите за владеење на правото. Запирањето на правните процеси сега само ќе ја поткопа верата и довербата на граѓаните во тие институции преку зајакнување на идејата дека секоја одлука е заснована на политичко договарање. Јас, исто така, ќе додадам дека предвременото запирање на случаите може да имплицира дека сите обвинети се виновни, без да им се даде и еден ден на суд.

Како гледате на првите казни за случаите од висок профил во Македонија имајќи ги предвид барањата на ЕУ и НАТО за борба против корупцијата во земјата?

– Како позитивен знак го гледаме тоа што за овие случаи се донесуваат одлуки, наместо постојано да се одложуваат. Луѓето треба да можат да ги исчистат своите имиња ако се невини и треба да бидат одговорни ако се виновни. Ова исто така ќе им овозможи на граѓаните да разберат што се случило и не се случило.

Важно е институциите, како што се Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство, да бидат овластени самостојно да се справат со корупцијата и неказнувањето. На крајот, корупцијата се сведува на личен интегритет, на пример, како одлука дали да се понуди поткуп или да се прифати, или да се побара и да се даде работа на роднина. Знаеме дека менувањето на однесувањето, на поединците и на институциите, се случува полека. Така што, видовме одреден напредок, но секако има многу што треба да се направи. САД се подготвени да им помогнат на институциите што се вклучени во борбата против корупцијата.

Слободанка Јовановска