Џафери: ВМРО-ДПМНЕ да најде сили да се издигне над сопствените интереси


Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери очекува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе изнајде сили да се издигне над сопствените интереси и да стане дел од историските решенија што треба да се донесат во следниот период.

– Во овој момент сите меѓународни и домашни истанци и експерти укажуваат дека моментумот е историски за Република Македонија да го добие она што го заслужува – почеток на преговори со ЕУ и повик за членство во НАТО. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе најде сила да се издигне над сопствените интереси за да може да биде дел од историските решенија за идните генерации, рече Џафери за време на гостувањето во вечерашната емисија „Топ тема“ на телевизија Телма.

Во врска со Законот за јазиците којшто беше вратен во Собранието на повторно гласање, Џафери не откри кога ќе биде свикана седницата на која ќе биде ставен законот, но рече дека јавноста ќе знае 24 часа пред таа да биде одржана.

– ВМРО-ДПМНЕ и сите политички чинители во државата треба да имаат предвид што во суштина сакаме сите во наредните четири месеци. Ако сите очекуваме во април да добиеме датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, ако до самитот на НАТО се очекува да се заокружат преговорите околу разликите со името и ако тоа е вратата за влез во НАТО сметам дека никој политички зрел нема да се впушта во ситуација во Собранието да отвори дебата која ќе трае со години, рече Џафери.

Уште еднаш повтори дека според него 35.000 амандамани поднесени од опозицијата не се расправа за законот, туку претставуваат блокирање на работата на Парламентот.

Џафери очекува утре на собраниската Комисија за прашања на избори и именувањата да биде извршен избор на уставен судија и на членови во Советот на јавни обвинители. Според него, со присуство на член на Комисијата од Движењето Беса, кое е потврдено, ќе се создаде мнозинство, со што Комисијата ќе може полноправно да одлучува.