Ќе се најде ли заеднички јазик за јазиците?


Оваа седмица се очекува одлуката на претседателот Ѓорге Иванов – дали ќе го потпише указот за прогласување на новиот Закон за употреба на јазиците, кој е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, а парламентот го донесе минатата седмица.
Законот, според информациите, е веќе испратен кај Иванов и тој треба да се изјасни за него во рок од седум ден од добивањето. Иванов во повеќе наврати досега изрази несогласување со оваа регулатива, која наиде на остри реакции и кај опозицијата и кај дел од стручната јавност, меѓудругото, и поради речиси изедначениот статус на албанскиот јазик со македонскиот во институциите, наспроти јазиците на помалите етнички заедници во земјава
Уште кога законот беше само во најава, Иванов се противеше тој да биде ставен на дневен ред искажувајќи го тој став и преку тоа што не му го даваше мандатот на СДСМ за составување влада. И во своето новогодишно обраќање, додека регулативата за јазиците беше во собраниска процедура, Иванов најави дека е можно да стави вето.
Доколку Иванов не го потпише Законот, тоа ќе биде негово прво вето откако е на функцијата, почнувајќи од неговиот прв мандат од 2009 година. Во изминатите безмалку девет години Иванов ги потпишуваше сите закони на претходната владејачка гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, па дури и оние најконтроверзните што предизвикуваа жестоки реакции во јавноста и протести на улиците.
Сепак, Иванов не може да го спречи стапувањето на Законот во сила, доколку тој биде по вторпат усвоен во парламентот со апсолутно мнозинство. Во таков случај, Иванов ќе биде обврзан да го потпише указот за прогласување на Законот.
Од друга страна, оваа регулатива, или барем дел од нејзините одредби, би можеле да бидат суспендирани со одлука на Уставниот суд, доколку некој поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот – за која опозицијата тврди дека е неуставен.
Интересно во овој случај е тоа што само десетина минути пред донесувањето на Законот за употреба на јазиците парламентот во четвртокот избра двајца нови члена на Уставниот суд, кои беа предлог на претседателот Иванов. Парламентарното мнозинство, на чело со СДСМ и ДУИ, гласаше за предлозите Дарко Костадиновски, довчерашен советник во претседателскиот кабинет, и универзитетскиот професор Осман Кадриу да станат уставни судии. Кадриу, веднаш по свечената изјава, оцени дека Законот за јазиците е во духот на Уставот и уставните норми. Костадиновски, пак, рече дека ќе се изјасни кога ќе ги види предвидените решенија.
Уставниот суд, по изборот на двајца нови члена, функционира со осум од вкупно девет судии. Деветтиот член, кој треба да биде од помалите етнички заедници во земјава, треба да биде предложен од собраниската Комисија за избори и именувања, со која раководи моментно ВМРО-ДПМНЕ. Другите шестмина уставни судии се избрани на функциите за време на претходната владејачка гарнитура и во последните години имаше многу забелешки во јавноста за нивни одлуки во корист на одредени контроверзни закони. (А.М.М.)