Јан Фигел: Власта не е имуна на истраги и прогони


Господине Фигел, во каква улога сте деновиве во Македонија?

Тука сум како поранешен главен преговарач на Словачка и нејзин прв еврокомесар. Исто така, јас сум специјален пратеник на ЕУ за слобода на религијата. Тука сум по покана на Националната конвенција за ЕУ поддржана од УСАИД. Инаку, бев колега на вашиот државен секретар во тоа време, Борис Трајковски и бев тука за време на кризата со Стенковец во 1999 година, така што се враќам во земјата која сега е различна, но сè уште се соочува со предизвици и се наоѓа во иста позиција во однос на интеграцијата во ЕУ. Мора конечно да се придвижите.

Учествувавте на работна маса за судството. Кои се Вашите препораки, со оглед на состојбата во која се наоѓа тоа во Македонија?

Во областа на судството и основните права не постои некое специјално законодавство, но ова е едно од најчувствителните поглавја бидејќи се однесува на борбата против корупцијата. Корупцијата е рак во општеството и во економијата. И ако не ѝ се спротивставите, крајот на ракот ќе дојде многу бргу и проблемот само ќе расте. Судството е еден од трите главни столбови на демократијата. Без функционално, независно и ефикасно судство, демократијата ќе колабира. Затоа е важно да се инвестира во судствoто, во довербата на јавноста во него и во динамика на испорачување на правдата. Одложена правда е негирана правда. Така што сето ова е рефлектирано тука и среќен сум што Националната конвенција е подготвена да ѝ помогне на земјата, да ги придвижи процесите и да ги почне реформите што се потребни. Може да направите многу подготовки и легални промени и реформи, но најважни се луѓето што го водат системот и луѓето генерално, бидејќи интеграцијата не е заради политичарите и заради Брисел, туку заради земјата и луѓето. Европа е овде и Европа треба да биде интегрирана овде.

 

Ние, сепак, го изгубивме најважниот случај на борба против корупцијата. Ни побегна поранешниот премиер Никола Груевски од казната затвор. Како ќе влијае тоа врз оценката на Брисел дали треба да почнеме преговори или не?

Оваа земја беше многу напредната во 2005 година и сега изгледа дека заостанува, бидејќи Србија и Црна Гора веќе почнаа преговори. Затоа треба да забрзате, а ситуацијата околу Груевски, всушност, може и да помогне ако дејствувате и ако направите нешто сериозно. Ние имавме сличен проблем со влада која не беше компатибилна со Унијата, која правеше сериозен криминал и која го прекршуваше дури и уставот, што нè однесе надвор од процесот, а нашите соседи нè оставија далеку назад. Но за луѓето тоа беше силен повик за будење да ја запрат владата на Владимир Мечијар и да го вратат трендот, да започнат вистински промени и интеграција. Бевме набљудувани со многу заинтересираност и емпатија. Мислам дека тоа може да се повтори и кај вас, не само со интерес за случајот и за ситуацијата, туку и со вистинска емпатија, симпатија и солидарност за луѓето и за вашата земја околу eвропската перспектива. Но, вие мора да се разбудите, вие треба да гласате одговорно, вие треба да наоѓате решенија за сите овие прашања.

Дали Орбан може да си дозволи да му даде азил на Груевски?

Политичкиот азил е сензитивно прашање низ светот, a особено во демократска Европа, бидејќи давајќи азил некому од земја што е демократска и што е членка на Советот на Европа со амбиции да го докаже тоа, ќе биде многу необично. Но, секако одлуката ќе биде направена од претставници на демократска земја. Судството, или подобро правдата е круцијално важна за кредибилноста на вашата демократија. Власта не може да биде имуна на истраги и прогони. Власта значи повеќе одговорност и затоа политичарите мора да дејствуваат соодветно, а вашиот судски систем треба да помогне тоа да биде уште покредибилно. Ова ќе биде некој вид лакмус-тест.

Подготвувавме попис, нешто што не успеавме 16 години поради етнички и политички прашања. Сега се предлага во него да не бидат содржани графи за етничка припадност и за религија. Дали е тоа добра идеја во земја во која дури и гласањето во парламентот е според Бадентеров принцип?

Ние во Словачка имаме графи за религија, национално и етничко потекло. Тоа е корисно на некој начин за да се видат трендовите, да се види мозаикот, бидејќи, знаете, вистината ослободува. Ако ја криете вистината, ако живеете во магла, смог или во нејасни ситуации, тоа не помага. Може да се преправаме, но мора да ја знаеме вистината. Таа, исто така, е базирана на правда, уште повеќе што луѓето имаат повеќе идентитети. Дел од мојот идентитет е моето етничко потекло, мојата религија, моето семејство, мојата локална, регионална и национална компонента и јас сакам да се чувствувам добро со сите овие димензии. Ако ги задушувате или ги криете, всушност, им кажувате на луѓето дека е подобро да не се појавуваат или дека тоа е проблем во општеството. Не би советувал да направите вештачки проблем криејќи ја  реалноста, криејќи го идентитетот. Идентитетот е многу чувствителна работа и може да доведе до многу контроверзии и конфликти во општествата. Тие што не ја разбираат важноста на идентитетот создаваат простор за популистите и екстремистите да го искористат или злоупотребат против други.

Како ја коментирате можноста да им се одземат гласачките права на Унгарија и на Полска во ЕУ? И како го објаснувате тоа што во двете земји има ваков силен евроскептицизам по стотиците милијарди евра помош од Европската Унија?

Европската интеграција не е за пари туку за луѓето, но исто така и за вредностите и правилата што ги прифаќаат за да живеат заедно во мир и да соработуваат. Притоа, владеењето на правото е еден од клучните принципи. За да успее ЕУ во заедничкото живеење, мора да се држиме до тие принципи на владеење на правото. Полска ја доби пораката и тие се сега во позиција да одговорат, но за обичните луѓе тоа може да послужи како доказ дека ЕУ е сериозна околу своите вредности и принципи. Бидејќи ако претворите  сè во бизнис и не се грижите за принципите, ќе го расипете или уништите она што е постигнато. Така што, во основа оваа лекција е можеби непријатна, но многу важна и ревитализирачка за довербата и кредибилноста на Унијата. Бидејќи неколку години наназад се поставуваше прашањето дали ЕУ навистина е заедница на вредности или е заедница на бизнис и евра. Мислам дека таа мора да биде  заедница на вредности, но исто така да работи на економски просперитет, бидејќи ние сме главен економски клуб. Јас сум од Словачка која е дел од еврозоната и мојата влада падна поради финансиската криза во Грција и во други земји. Тоа беше проблем во 2011 година, но јас сфатив дека ние сме одговорни за решавањето на европската монетарна унија, помагајќи им на земји како Грција, Ирска, Шпанија, Португалија и Италија и тоа е огромна промена во една генерација. Треба да бидеме свесни дека ЕУ е заедница без преседан и дека главната причина што беше создадена е мирот на континентот, а мирот е овошје на правдата. Кога ќе видите правда и мир заедно, знајте дека стабилноста и просперитетот доаѓаат потоа. А тоа не треба да биде само визија, туку и реалност во Западен Балкан и во Македонија.

Слободанка Јовановска