Штип: Здружението „Гласно-Текстилец“ забележа неправилности при исплатата на минималната плата


Констатирани се првите притисоци и злоупотреби со исплатата на минималната плата во текстилните конфекции во земјава, објави на прес-конференција Кристина Ампева од штипското здружение „Гласно-Текстилец“.

Таа истакна дека одредени работодавци на работниците им барале дел од исплатената плата да им ја вратат на рака.

– Тоа посебно го констатиравме во Валандово, Куманово и Делчево, каде што во еден случај во Куманово моравме и лично да интервенираме преку Државниот инспекторат за труд. Мораше итно да отиде екипа на терен и во тој момент да се прекине притисокот што им се случуваше на работниците, вели Ампева.

Локалниот координатор на проектот на Хелсиншшкиот комитет за човекови права во Штип, Симона Живкова вели дека работниците мора да знаат дека враќањето на парите на рака на работодавците е кривично дело.

– Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци од плата ќе се казни со затвор од три месеци до една година. Во овој дел ги повикуваме работниците да се охрабрат и пријават со цел да ни помогнат и да ги спречиме манипулациите со законот за минимална плата со кој што моментално се соочуваме, вели Живкова.

Таа истакна дека во моментов актуелна е исплатата на регресот за годишен одмор или познат како К-15. Текстилни работнички од неколку конфекции во Штип пријавиле во Хелсинишкиот комитет за човекови дека не го добиле регресот за годишен одмор, по што е извршен вонреден инспекциски надзор во конфекциите.

– Од тие конфекции, јас ќе го издвојам примерот со конфекцијата „Зогори“ од Штип, во која што исто така не беше исплатен К-15 за 2016 година на работниците. Откако инициравме вонреден инспекциски надзор беше утврдена обврска на работодавачот да им исплати на работниците регрес за годишен одмор за 2016 година. Сега веќе имаме сознанија дека „Зогори“ во својство на работoдавач на работниците им исплатил регрес за годишен одмор во висина од 100 денари, на начин што „Зогори“ како работдавач се соочувал со потешкотии во работењето во периодот на 2016 година, односно работел со загуба. Со спогодба потпишана помеѓу него и претставник од вработените е утврдено да се исплати регрес за годишен одмор во висина од 100 денари, вели Живкова.

Таа забележува дека од законската регулатива јасно се гледа дека работодавците немаат можност да не исплатат К-15, но во пракса и на терен се соочуваат со проблем со тоа што законодавецот не утврдил точно кој е помалиот износ за исплата на регрес за годишен одмор за фирмите кои пријавуваат загуба во работењето и токму поради ова работниците добиваат К-15 во износ од 100 денари.

– Апелираме до крајот на 2017 година дека сите работодавци имаат обврска да исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, а единствен начин за да вработените се заштитат од манипулации од типот на К-15 во висина од 100 денари е синдикалното здружување или тие самите да го изберат тој претставник, кој што би требало да ги изразува нивните интереси, а не како досега да му дозволат на работодавачот во тајност да го избира претставникот на синдикатот, кој што потпишува спогодби во нивно име, вели Живкова.

Кристина Ампева од НВО „Гласно-Текстилец“ на прес-конференцијата потенцираше дека како здружение се против предлогот на Организацијата на работодавачи да се замрзнат придонесите на работниците за исплата на плата од 12.000 до 18.000 денари. Таа најави дека на крајот на неделава во Штип ќе се одржи и првата „Текстилијада“, на која што работници и експерти од оваа област ќе дебатираат заењднички на трибина, за повеќе проблеми со кои се соочуваат на своите работни места