Шпенд Ахмети е старо новиот градоначалник на Приштина
Триесет и деветгодишниот Шпенд Ахмети е старо новиот градоначалник на косовскиот главен град Приштина. Ахмети од Движењето „Самоопределување“ прогласи победа и ги повика граѓаните на Приштина да прослават.
„По пребројувањето на гласовите може да ја прогласиме победата во Приштина, иако со тесен резултат. Ви благодарам на сите. Се гледаме на прославата на плоштадот ‘Захир Пајазити‘“, рече Ахмети, кој битката за нов четиригодишен мандат ја доби со разлика од 307 гласови.
Ахмети од 2011 година е потпретседател на „Самоопределување“. Дипломирал економија и бизнис администрација на Американскиот универзитет во Бугарија, а магистрирал политички науки на Харвард. Освен албански зборува и англиски, српски, македонски, бугарски, а го владее и германскиот јазик. И првиот мандат за градоначалник го доби во вториот круг од изборите на 1 декември 2013 годна, кога доби околу 2.500 гласови повеќе од неговиот противкандидат Иса Мустафа, кој се кандидираше за втор мандат. Ахмети живее во Приштина, оженет е со Ардиана Ѓиноли, со која имаат две деца. Познат е по тоа што до своето работно место во Градското собрание патувал со јавен транспорт.