Челичната дама на ЕУ доаѓа во Скопје


 

Германската канцеларка Ангела Меркел доаѓа во Скопје. Тоа е веста што вчера околу пладне предизвика политичка еуфорија во предреферендумска Македонија.

Иако по самитот на НАТО во јули во Брисел имаше срамежливи навестувања дека една од највлијателните личности во европската политика би можела да допатува во земјава пред референдумот, официјализирањето на таа информација не го намалува значењето на посетата бидејќи станува збор за прва официјална посета на германски канцелар на земјава од нејзиното осамостојување. Единствено, претходникот на Меркел – Герхард Шредер, беше во куса и попатна посета на земјава за време на бегалската криза во 1999 година. Овој пат, во придружба на канцеларката ќе допатуваат и министрите за одбрана и за надворешни работи на Германија.

В сабота, точно на 27-годишнината од независноста на нашата земја, челичната дама на ЕУ ќе пристигне во Скопје. Нејзината посета се смета за силна поддршка за претстојниот референдум за името, со оглед на тоа што во изминатите години Германија, под водство на Меркел, се позиционираше како локомотива на Балканот за негово интегрирање во ЕУ – меѓу другото и како иницијатор на Берлинскиот процес, посветен на Западниот Балкан и проширувањето на Унијата.

Од самото доаѓање на функцијата, Меркел води политики за поддршка на интеграциските процеси на Македонија и на регионот во целина, иако ниту еднаш во изминатите близу 13 години не дојде во земјава. Генерално, во годините по осамостојувањето, во земјава ретко пристигнуваа германски функционери од највисок ранг. Како една од најзначајните досега се смета посетата на поранешниот германски претседател Хорст Келер, кој беше во Македонија во 2008 година, по покана на тогашниот македонски претседател Бранко Црвенковски. Исто така, во почетокот на 2013 година, во земјава пристигна тогашниот германски министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Затоа, пак, во последните неколку години, во неколку наврати и во клучни политички моменти, во земјава слетуваше германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот. Последен пат Рот беше во Скопје кон крајот на јули и проценките се дека тој многу придонесе за деблокада на процесот за распишување на референдумот, што го кочеше сегашната опозиција.

Улогата на германската дипломатија во земјава, иако можеби „невидлива“, беше многу значајна во изминатите години две и пол децении – по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Тоа посебно важи за ерата на Меркел.

Во првата половина од нејзиниот прв мандат како канцелар, Меркел го прими во Берлин штотуку избраниот десничарски премиер Никола Груевски, кој долго време одржуваше интензивни релации со германската дипломатија, благодарение и на врските меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЦДУ, како сестрински партии во Европската народна партија. Оваа конекција траеше до почетокот на политичката криза во земјава која ескалираше со аферата за масовното прислушување. Потоа, Меркел, практично му го сврте грбот на Груевски и ја заобиколи Македонија за време на нејзината балканска турнеја – летото 2015 година.

Сепак, и покрај замрзнатите односи со тогашниот владејачки естаблишмент, германската политика имаше големо влијание во надминувањето на кризата. Кабинетот на Меркел назначи специјален пратеник за решавање на кризата (Јоханес Хајндл) по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за колективна аболиција за случаите што произлегоа од прислушувањето.

По смената на власта во Скопје, официјален Берлин демонстрираше силна поддршка за надминување на спорот за името и за постигнување на договорот со Грција. Во изминатите месеци, во однос на проблемот со Грција, Меркел, главно, го застапуваше ставот дека е неопходен компромис, колку и да е болен и дека е најдобро преговорите да се одвиваат зад затворени врати и да не се потпалуваат националистички страсти. Се тврдеше дека нејзината интервенција била клучна во момент кога преговорите за спорот за името влегоа во криза речиси пред потпишувањето.

Актуелниот премиер Зоран Заев во февруари годинава или седум месеци откако ја презема функцијата, отпатува во официјална посета на Берлин, каде што Меркел го пречека со сите почести. Потоа, на заедничка прес-конференција, германската канцеларка оцени дека Македонија има стабилна влада која спроведува реформски политики во интерес на граѓаните и дека тоа е неопходно за перспективите на Македонија за членство ЕУ и НАТО. Седум месеци подоцна, Меркел „резервира“ билет за Скопје, откако Македонија во почетокот на летото постигна договор со Грција за решавање на спорот за името, по што следуваше добивањето на условената препорака за почеток на преговори со ЕУ, како и поканата за членство во НАТО.

Веста за доаѓањето на Меркел во Скопје ја соопшти нејзиниот портпарол Стефен Зајберт. Агендата за посетата сè уште не е дефинирана, но се знае дека ќе се сретне со премиерот Заев. Се очекува главна тема на разговорите да бидат прашања поврзани со регионалниот развој и билатералните односи, а Меркел сакала со свои очи да се увери какво е расположението во земјава во пресрет на историскиот референдум за името што ќе се одржи на 30 септември, велат нејзините соработници.

Германија, меѓу другото, важи за трговски партнер број еден за Македонија. Исто така, во областа на одбраната, неколку стотици офицери на АРМ се вклучени во обуки во Германската сојузна армија и учествуваат во мисии во Авганистан под германска команда. Двете држави заокружија годинава 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи. (А.М.М.)

 

Столтенберг пак во Македонија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, повторно доаѓа во Скопје. Неговото пристигнување е најавено за утре и се очекува тој да остане во земјава два дена – на разговори со државниот врв и со лидерите на најголемите политички партии.

Ова е прва посета на Столтенберг откако Македонија на самитот во јули ја доби поканата за НАТО, така што сега од полноправното членство во Алијансата ја дели уште имплементацијата на договорот со Грција и ратификацијата во парламентите на земјите членки.

Генералниот секретар на НАТО пристигнува во земјава во екот на кампањата за референдумот за името, од чија успешност зависи понатамошното спроведување на договорот од Преспа. Последен пат тој беше во Скопје во почетокот на оваа година, кога апелираше да се најде решение за проблемот со името пред самитот во Брисел посочувајќи дека нема друг начин за влез на земјава во Алијансата. За време на престојот тој ќе разговара и со шефот на државата Ѓорге Иванов, а ќе има и други средби.

За петок, пак, е најавена посета на австрискиот канцелар Себастијан Курц, чие присуство праќа специфична порака со оглед на тоа дека ревносно ја поддржуваше политиката на ВМРО-ДПМНЕ пред да ја изгубат власта, така што негова публика се гласачите на оваа партија на кои треба да влијае. Најавени се и други посети за кои се чека потврда, меѓу кои на шпанскиот премиер Педро Санчез, Џејмс Апатураи од НАТО, од САД…