Хан го впери прстот во соседните земји за бегството на Груевски: Немам докази, но не сум наивен
По бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, информациите за тоа како стигнал во Унгарија дојдоа од соседните медиуми, а сега додека нашите власти испитуваат кој е одговорен за неговото бегство, лоцирањето на одговорноста повторно дојде отстрана. Европскиот комесар за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, прстот го впери во соседните земји на Македонија.
Хан во интервју за државната новинска агенција МИА вели дека нема докази дека соседните земји се инволвирани во бегството на Груевски, но нагласува дека не е наивен.
„Ако ја гледате рутата на бегството, патот не беше директен, туку низ регионот и ова е некаков регионална соработка која не помага и не ми се допаѓа. И им го ставив до знаење јасно на сите колеги во регионот“, вели еврокомесарот.
Еврокомесарот е потпретседател на Европската народна партија (ЕПП), а Груевски избега во Унгарија, каде што владејачката партија е членка на ЕПП. Сепак, Хан досега лично не разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан со кого Груевски имаше блиски релации и пред неговото бегство.
„Јавно кажав дека сакам повеќе детали и бев информиран дека Унгарија си ги следи процедурите за азил и дека тоа значи дека е билатерално прашање помеѓу кандидатот за азил и властите и нема обврска да се кажат јавно причините за давањето азил некому. Но, се разбира, ова, во најмала рака, апсолутно не помага“, порачува Хан.
Еврокомесарот го чека извештајот за истрагата што се води во нашата земја за да се дознае што се случило, како Груевски ја напуштил Македонија и да се даде оценка дали земјава на некој начин е инволвирана во бегството на поранешниот премиер. Но, по повеќе од два месеца од бегството, сè уште нема одговор како му успеал да избега. Предметот е сè уште во фаза на предистрага и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сè уште собира докази, при што единствено е утврдено дека Груевски ја поминал границата со Албанија преку див премин. Нов момент во предистрагата е тоа што по повеќекратни ургенции од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кон крајот на минатата недела, надлежните служби на Албанија информирале дека се обезбедени потребните докази што ги барале нашите власти. Нив нашите обвинители допрва треба да ги преземат и да ги анализираат. Во меѓувреме Обвинителството ги разгледува и снимките што ги доби од Црна Гора, прибира и други докази, а на распит ќе бидат повикани и сведоци кои можат да помогнат во расчистување на случајот. Добиени се снимките од безбедносните камери на патиштата, наплатните рампи, граничните премини, како и околу домот на поранешниот премиер.
Сепак, сè уште нема потврда дали Груевски ја напуштил Македонија со дипломатски возила на Унгарија. Целата на постапката што се води во обвинителството е да се лоцира евентуалнана одговорност на институционалниот триаголник, Министерството за внатрешни работи, кое не го следело поранешниот премиер, Основниот суд Скопје 1, кој, бидејќи беше викенд, не му го врачи упатниот акт за затвор на Груевски и Специјалното јавно обвинителство, кое не бараше притвор за поранешниот премиер. Првичните индиции на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, според она што го кажа раководителката Вилма Русковска во еден од своите телевизиски настапи, се дека дел од институциите направиле пропусти кои биле ненамерни.
Додека во Македонија полицијата заедно со новинарски екипи го бараше Груевски да го приведе и да го однесе во затвор, а потоа за викенд одмараше, Груевски на Фејсбук соопшти дека е во Будимпешта. Од информациите што беа објавени тогаш, беше утврдено дека Груевски избегал во Унгарија преку Албанија, Црна Гора и Србија. Полицијата во Албанија ги потврди информациите дека експремиерот преку албанската граница заминал за Црна Гора на патот кон Будимпешта. Според информациите од албанската полиција, Груевски ја напуштил Албанија преку граничниот премин Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница, во возило со регистарски таблички CD1013A, сопственост на унгарската амбасада во Тирана. Оправдувањето на соседните земји беше тоа што кога Груевски ги поминал нивните граници за него немало меѓународна потерница. Претседателот на Србија, пак, Александар Вучиќ, изјави ако Србија го уапсела Груевски додека минувал низ Србија тоа би било киднапирање.
„Ние не сме дива земја и не можеме никого да апсиме“, рече тогаш Вучиќ.
Тој уште откри детали како Груевски ја напуштил Македонија и успеал без пасош да замине за Унгарија.
„Во текот на ноќта на 11 ноември, некаде меѓу еден и два часот, лицето Никола Груевски влегло на албанска територија во придружба на две лица од унгарска националност. Потоа ја преминало границата со Црна Гора со регуларни документи – со пасаван издаден од унгарската амбасада во Тирана. Дури на 13 ноември, во 19:35 часот, ни беше доставена меѓународна потерница од Интерпол распишана од Македонија“, изјави Вучиќ.
Груевски ја напуштил Македонија и влегол на територија на Албанија. Оттаму преку преминот Божај преминал во Црна Гора. Потоа преку граничниот премин Гостун на 11 ноември влегол во Србија со лична карта, а од Србија во Унгарија преку преминот Хоргош на 12 ноември, со лична карта и пасаван кој бил издаден од унгарската амбасада во Тирана.
Поранешниот премиер беше осуден на две години затворска казна за набавката на луксузниот „мерцедес“, а против него се водат и други судски процеси. Притвор му беше одреден откако избега. Македонските власти бараат негова екстрадиција, но сè уште нема официјален одговор, а преку изјавите на официјални лица практично Будимпешта одби да го екстрадира бидејќи со добивањето на политички азил прифатени се неговите аргументи дека во Македонија е жртва на прогон.
Во дел од интервјуто Хан порача исто така дека би било најдобро на Груевски да му се суди во Македонија, во согласност со правната држава. (Ф.Ф.С.)