ФБИ ги проверува бизнисите на Иванка Трамп во Канада
ФБИ ги проверува меѓународните бизниси на Иванка Трамп, ќерка на американскиот претседател Доналд Трамп, јави Си-Ен-Ен повикувајќи се на извори блиски на истрагата.
ФБИ ги проверува договорите и финансирањето на компанијата „Трамп интернешнал Хотел енд Тауер“ во Ванкувер во Канада, велат два извори за Си-Ен-Ен, еден поранешен и еден актуелен државен службеник.
Проверката која ја спроведува ФБИ би можела да биде пречка за Иванка Трамп да ја задржи позицијата советничка на американскиот претседател и својот татко Доналд.
Според медиумот, ова е стандардна постапка за темелно испитување на лицата кои вршат државни функции – да се проверат нивните контакти и работи со странство. Во овој случај, сложеноста на бизнисите на Трамп, кои во голема мера се потпираат на меѓународно финансирање и на странските купувачи, е вистински предизвик.
ФБИ внимателно ги следи меѓународните работи на Иванка Трамп и нејзиниот сопруг, Џаред Кушнер, за да утврди дали некој од овие бизниси може да ги направи подложни на притисоци од странски агенти, вклучувајќи ја и Кина.
Деловната кула на Трамп во Ванкувер е отворна е во февруари 2017 година, кратко време откако Доналд Трамп стана претседател. Таа е изнајмена од Холборн Групацијата, која во Канада ја води Јоо Ким Тиах, член на една од најбогатите малезиски семејства.
Портпаролката на Иванка Трамп ги негира наводите на Си-Ен-Ен, тврдејќи дека во тој бизнис нема никакви „пречки, проблеми или црвени предупредувања” во однос на нејзината работа како советник на претседателот.