Уписите направија метеж во училиштата


Идните средношколци направија вистински метеж во средните училишта, каде што изминатите два дена доставуваа документи за упис. Полуматурантите велат дека изборот каде ќе го продолжат образованието го направиле сами и веруваат дека ќе бидат примени уште во првото пријавување.

„Поднесувам пријава за упис во гимназијата ‘Јосип Броз Тито’. Избрав да ја изучувам природно-математичката насока и плановите ми се да продолжам на факултет, да студирам информатика. Успехот од основното образование ми е 5.00 и очекувам дека ќе бидам примен“, рече полуматурантот Ѓорѓи. „Го испочитувавме неговиот избор, сака математичка насока“, додаде мајката на Ѓорѓи.

„Отсекогаш ме привлекувала биологијата, затоа и одлучив да се запишам во гимназија“, додаде друг полуматурант.

„Дојдов да ги поднесам документите за упис, меѓутоа желба ми е да се запишам во Воздухопловна академија во Србија бидејќи во земјава нема училиште во кое се изучува ова“, вели полуматурантот Ненад, кој со мајка си замина дома.

Предвидени со конкурсот се над 35.000 слободни места во 108 училишта. Во средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“ планирано е да се запишат 262 ученици во 8 паралелки гимназиско образование. Пријави за упис доставиле повеќе од 305 потенцијални средношколци. Слична е ситуацијата и во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ каде што до пладне имаше пријавено 430 полуматуранти за 408 места предвидени со конкурсот.

„До 13 часот за македонски наставен јазик документи доставија 545 кандидати за 408 места. Додека за албански наставен јазик училишната комисија примила 344 документи за 238 места предвидени со конкурсот“, рече Марјан Алабаковски, директор на средно медицинско училиште „д-р Панче Караѓозов“.

„Оваа година за 476 места до пладне пријавени се 360 кандидати. Економската и правната насока се посебно атрактивни и мислам дека ќе се запишат квалитетни ученици. Не е важна само бројката на запишани, туку треба да бидат и со добар успех, кој ќе ги задоволи нашите очекувања“, рече Александар Канурков, директор на средното економско-правно училиште „Васил Антевски-Дрен“.

„За предвидените 285 места во 9 паралелки, согласно конкурсот, пријави доставиле 368 кандидати. Имаме пријавено 48 кандидати со ист просек, со по една четворка од екстерно. Некои си ги повлекуваат документите, не сакаат да се тестираат, бидејќи им кажавме дека големи се шансите да има квалификационо тестирање. Доколку се согласат си ги оставаат документите, доколку не сакаат да бидат тестирани, одат во други училишта. Уште не се знае дали ќе има дополнителна паралелка како што беше лани“, изјави Митко Димовски, директор на средното училиште „Орце Николов“.

Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени денеска. Квалификационо тестирање за учениците ќе се одржи на 22 јуни доколку се пријават повеќе ученици од бројот на места предвидени со конкурсот. Оние што ќе останат незапишани нова шанса ќе имаат на второто пријавување, за во училишта каде што останале слободни места и тоа на 28 јуни.

За разлика од изминатите години, за учебната 2018/2019 година професорите кои работат во училиштата очекуваат да има повеќе ученици. Вистински проблем со малку запишани ученици имаше пред две години кога во средните училиштата останаа непополнети места. Помалку ученици имало запишано поради промена на годините за упис во прво одделение и воведувањето на деветлетка, објаснија професорите.

Неодамнешното истражување, пак, на Институтот за стратегиски истражувања и едукација покажа дека за 15 отсто е намален бројот на ученици во средните училишта за 4 години. Ако во 2013 година имало 85 илјади ученици од прва до четврта година во средно образование, во 2016 имало за 15 илјади помалку, односно 70 илјади ученици. Причината за ваквиот негативен тренд е демографска. Укажаа дека ако ваквата состојба не се подобри, од една страна постои ризик за наставниците, но од друга страна може да се зголеми квалитетот на образование.

– Освен во Скопје, во сите други општини е намален бројот на ученици. Бројот на наставниците, ако се гледа трендот на опаѓање, не е во ист процент, како што е опаѓањето на бројот на ученици. Секако, зависи како ќе се лоцираат наставниците, може да се лоцираат на начин како да се обезбеди поквалитетно образование со помали групи на паралелки, но постои и ризик – изјави Дарко Спасевски од Институтот за стратегиски истражувања и едукација.

Инаку, од Министерството за образование и наука апелираа што повеќе ученици да ја препознаат предноста од избор на средно стручно образование, кое овозможува да се стекнат со занает и проодност понатаму во високошколските установи.

Дуално стручно образование од учебната 2018/2019 година ќе има уште во две средни училишта, во Кавадарци и во Охрид, а во Скопје ќе се спроведува во училиштето „Михајло Пупин“. За овие училишта ќе бидат изработени нови наставни планови и програми во соработка со министерството и Бирото за развој на образованието согласно потребите на стопанството.

Министерот за образование и наука Арбр Адеми оцени дека Министерството ги презело сите потребни активности и мерки за од новата учебна година првпат да почнат со дуалното образование.

„Определбата на овие училишта беше во целосна комуникација со стопанствениците. Во договор и комуникација со нив одлучивме да почнеме најпрво од овие училишта бидејќи тие покажаа заинтересираност да применуваат дуално образование за одредени профили. Наставните планови и програми веќе се потпишани од моја страна“, рече министерот Арбр Адеми.

Што се однесува до новините на наставните планови и програми за основното образование, во кои се предвидени помалку часови и предмети, министерот ќе инсистира што побрзо да биде пуштен јавниот повик до сите заинтересирани училишта да бидат дел од пилотирањето кое треба да почне од новата учебна година.

„Во редовна комуникација сум со сите засегнати страни, вклучени во овој процес на реформирање на основното образование, за да ги преземеме сите предвидени чекори и да почнеме оваа година. Консултациите се во тек. Се очекува до крајот на неделата да имаме епилог на сево ова“, објасни Адеми.

 Ќе се менува ли името во учебниците?

На прашањето дали ќе има промени во учебниците по потпишувањето на договорот за спорот за името со кој државава е преименувана во „Република Северна Македонија“, министерот Адеми вели дека засега е добар знак тоа што сме го потпишале.

„За сите обврски што произлегуваат од договорот навремено ќе известиме“, рече Адеми.

Адеми ѝ порача на Ванковска да го смени вокабуларот

По ширењето на непристојни зборови и говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук од страна на универзитетската професорка Билјана Ванковска, министерот за образование и наука излезе со став:

„Ние осудуваме секаков вид говор на омраза, така што за еден универзитетски професор би било покултурно и попристојно да го повлече тој вокабулар“, рече Арбр Адеми.

Вероника Мароска-Леова