УЕФА одлучи: Нема суспензија, но Роналдо сепак ќе биде казнет
Навивачите на Јувентус можат да здивнат, Кристијано Роналдо не е суспендиран за четвртфиналето од Лигата на шампионите против Ајакс.
Според италијанските медиуми, кои се повикуваат на извори од Нион, УЕФА сепак одлучила да му прогледа низ прсти на Роналдо и само да го казни парично за провокативниот гест кон навивачите на Атлетико.
За потсетување, Дисциплинската комисија на УЕФА официјално отвори постапка против Роналдо поради начинот на кој го прослави својот гол пред трибината каде беа сместени навивачите на Атлетико за време на реваншот од осминафиналето во Торино. Роналдо во еден момент од прославата непристојно гестикулираше, одговарајќи на уште повулгарното славје на Диего Симеоне во Мадрид.
Популарниот Чоло директно покажуваше на своите гениталии при прославата на погодоците. Против него тогаш беше отворена дисциплиснка постапка, но се извлече само со парична казна од 20.000 евра. Затоа би било лицемерно ако УЕФА подрастично го казнеше Роналдо за сличен гест и Португалецот ќе мине само со симболична парична казна.
Роналдо ќе игра во двомечот од четвртфиналето со Ајакс, така што во Јувентус можат да здивнат.