Треба ли да славиме воен сојуз


Не стивнуваат реакциите во јавноста по саботната прослава ширум земјата за добиената покана за членство во НАТО. Власта тврди дека на плоштадите низ Македонија излегле десетици илјади луѓе,но сликите оттаму говорат оти бројката е многу поскромна. Пејачката естрада се подели на „патриоти“ и на „предавници“, а опозицијата калкулира дека потрошени се половина милион евра државни пари. Експертите за маркетинг коментираат оти недостигала подобра организација и поголемо информирање за граѓаните особено што прославата се случуваше среде лето кога добар дел од Македонците не се дома.

Додека граѓаните го слават успехот на Македонија, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ маршираат во одбрана на криминалот, со транспаренти за амнестија“, вели генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, алудирајќи на вчерашниот митинг на опозицијата во Кавадарци.

Возвратија од ВМРО-ДПМНЕ, прашуваат зошто со денови се молчи каде и кога е објавен тендерот за прославата, кој ги договарал пејачите, како е направена нивната селекција, кој ги организирал бините и кој го работел озвучувањето и осветлувањето, како се одбрани фирмите и колку пари чини сето тоа? Според нивните информации, потрошени биле околу 500.000 евра.

СДСМ во 2011 година, по повод прославата за 20 години од независноста, бараше одговорност од тогашните владини функционери, иако беа изнесени сите трошоци за прославата, а сега ги крие и хонорарите и сумите што се исплаќаат. Лицемерно и крајно нетранспарентно од страна на СДСМ“, лути се во белиот дворец.

Од Владата велат дека за сите детали ќе информираат во текот на денешниот ден. ПР-експертот Игор Атанасов вели дека прославата не ги исполни очекувањата на организаторите, но дека сепак не можеме да кажеме оти се случил дебакл.

Начинот на информирање не беше добар и во тој процес на подготовка морало да има подобра организација. Кога зборуваме за масовноста на концертите, не треба да заборавиме дека е летен период, луѓето се на одмори. Не сметам дека имаше бојкот од страна на граѓаните. Нашиот народ сака да ѕирне што се случува, дури и на туѓи свадби, а не, пак, кога нешто е отворено и бесплатно. Можеме да дискутираме и околу изборот на пејачите, прославата да не беше замислена како општонародна веселба. Кога ги споменувам пејачите, паѓа во очи дека дел од изведувачите што верно цела една деценија пееја на митинзите на поранешната власт, сега преку ноќ се залепија за новата влада. Очигледно е дека парите се единствен нивен мотив“, објаснува Атанасов.

Експертите забележуваат и дека спорен е самиот момент на прослава за поканата, односно не се слави влегувањето, туку нешто што допрва треба да се случи, при што не треба да се заборави оти НАТО е воен сојуз.

Од тој аспект, многу поадекватно би било да се прославува членството во Европската Унија, но Владата веројатно сакаше да земе залет за претстојниот референдум“, објаснуваат стручњаците за маркетинг.

Погледот во соседството покажува дека ниту една од земјите не организираше заедничка прослава за членство во НАТО. Последен пример е Црна Гора, која стана дел од Алијансата во јуни минатата година. Премиерот и министерот за надворешни работи во Вашингтон ги предадоа инструментите за ратификација, по што црногорското знаме беше дигнато пред седиштето на НАТО во Брисел. По враќањето дома, владата во Подгорица закажа свечена седница, на која се послужија со торта и со шампањско. И толку.

Хрватска и Бугарија, пак, организираа масовна прослава кога станаа членки на Европската Унија. Во Софија пееше познатата шведска група „Јуроп“, која со звуците на The final countdown ја испрати Бугарија во друштвото на големите. Во Загреб, пак, точно на полноќ во јули 2013 година, беше пуштена Одата на радоста, а журката продолжи до ситните часови со виолончелистите од „2 челос“. Присутни беа десетици претседатели и премиери на странски држави, а на присутните, меѓу другите, им се обратија претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулс, претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј и претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо. Власта во Загреб беше лута што германската канцеларка Ангела Меркел не најде време да дојде во Хрватска, а големо внимание со своето присуство предизвика српскиот претседател Томислав Николиќ.

Под мотото „Одиме напред, Македонија во ЕУ и НАТО“ во саботата беа организирани прослави во 15 града. Ангажирани беа 40 уметници. Премиерот Зоран Заев беше во Битола од каде што порача дека Македонија има причина да слави.

Ги остваруваме нашите заеднички стратегиските цели, нашите заеднички сонови и надежи. Концертите се покана за обединување со сите наши политички разлики околу остварените стратегиски цели на нашата земја: членство во ЕУ и во НАТО.

Сега, како никогаш досега, да си подадеме рака. Сакам да ги повикам сите граѓани и да им порачам дека силите што не делат, не се толку силни како силите што не обединуваат. Силите што нè обединуваат се датумот за преговори со ЕУ и поканата за членство во НАТО. Тоа се силите што ни ја отворија иднината“, истакна Заев.

Горан Адамовски