Таткото на Оби Микел бил киднапиран четири часа пред мечот Нигерија – Аргентина


Таткото на нигерискиот репрезентативец Џон Оби Микел бил киднапиран непосредно пред почетокот на натпреварот на африканскиот тим и Аргентина во рамките на третиот круг од групната фаза на Светското првенство во Русија.
Капитенот на Нигерија со тоа на ум го одигра натпреварот против „гаучосите“, а неговиот можеше да се пласира во следната рунда при реми или победа, но под закана од киднаперите дека неговиот татко веднаш ќе биде убиен, ако ги сподели информациите во јавноста.
Микел изјави дека добил повик од киднаперите четири часа пред почетокот на натпреварот со Аргентина, кои сакале околу 30.000 американски долари за откуп на неговиот татко.
 – Бев збунет, не знаев што да правам. Но, на крајот, знаев дека не треба да изневерам 180 милиони Нигеријци. Морав да го ставам тоа на страна во мојата глава и да ја претставувам мојата земја. Ми беше кажано дека не треба да разговарам со никого за тоа или во спротивно тој веднаш ќе биде убиен. Не сакав да му кажам на тренерот или на некој друг во тимот, бидејќи не сакав да се занимаваат со моите проблеми, изјави Оби Микел.
Нигерија изгуби од Аргентина со 2:1 во тој меч и беа елиминирани од Светското првенство, додека таткото на Оби Микел беше спасен од локалната полиција, откако било употребено и огнено оружје.