СЈО очекува Владата да го реши нивниот статус


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска изјави дека очекува наскоро согласно Стратегијата на Владата за реформа на правосудството да биде решен статусот на СЈО со оглед дека осум месеци немаат законска можност да покренуваат обвиненија.

– Ако тоа не се случи до јуни, односно заклучно со септември, ќе одлучиме што понатаму со тие истраги кои во тој момент ќе бидат завршени, рече Јанева на новинарско прашање пред промоцијата на проектот за јакнење на капацитетите на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во однос на истрагите и меѓународната помош.

За предметот Сопот таа кажа дека на 18 или 19 март се закажани завршните зборови и тогаш СЈО целосно ќе се произнесе по него. За Монструм, пак, посочи дека СЈО со извештајот на 15 март ќе излезе со информација за тоа дали ќе го преземат овој предмет и што понатаму.

Јанева на новинарско прашање потврди дека СЈО има отворено предистражна постапка за случајот со функционерот на ДУИ Бекир Асани поврзан со една од „бомбите“, каде тој телефонски разговара за легализација на дивоградба со партискиот лидер Али Ахмети.

Во однос на предметите кои се покренати од СЈО, Јанева рече дека не се задоволни од начинот на кој се одолговлекуваат постапките во судот најмногу од бранителите на обвинетите во предметите и укажа на потребата од држење до професионалните принципи од страна на адвокатската фела и на Асоцијацијата на адвокати.