Судир меѓу Џолев и Кацарска: Никој не сака да одлучува за амнестијата


Законот за амнестија што го изгласаа пратениците во Собранието минатата недела и треба да го спроведат судот и обвинителството, го затече неспремен Кривичниот суд. Иако најголем број од обвинетите веќе испратија барања да бидат помилувани, судот уште не знае кој ќе ја донесе конечната одлука и ќе реши кој ќе биде амнестиран. Претседателот Џолев до денеска треба да одлучи дали за барањата ќе пресече кривичниот совет или судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска.

На вчерашниот брифинг со новинарите Џолев оцени дека надлежен за предметите за кои веќе има пресуда е кривичниот совет, а за предметите што се во тек, како што е судењето за 27 април, надлежност има судечкиот совет, односно Кацарска.

„Во спротивно би се извршил упад во независноста при носењето на мериторна одлука“, вели претседателот Џолев, кој призна дека има отпор кај Кацарска да одлучува за амнестијата и дека Тој вели дека судиите се претпазливи во однос на надлежноста, но сепак тој ќе пресече кој ќе одлучува за амнестијата.

Но, судијката, која речиси секојдневно од август го води предметот, во изјава за „Независен весник“ вели дека во нејзината 32-годишна кариера никогаш не давала отпор и секогаш ги почитувала законите. Таа е децидна дека одлуките треба да ги носи кривичниот совет.

„Овие одлуки треба да се носат надвор од главна расправа, а за тоа исклучиво е надлежен кривичниот совет, согласно член 25 став 5 од Законот за кривична постапка. Втора работа што е многу битна е тоа што јас како судечки судија ако одлучувам по тие барања, значи дека прејудицирам моја одлука за оние барања што ќе ги одбијам, односно за оние обвинети што нема да добијат позитивна одлука од мене. Што ако некоја моја одлука повисокиот суд ја укине, а јас имам изградено став веќе за тој обвинет, а треба да го судам? Отпор не давам јас, отпорот треба да се бара на друга страна“, вели Кацарска.

Таа вели дека ова не е прв закон за амнестија што е донесен од страна на законодавниот дом и дека секогаш, апсолутно секогаш, по сите закони за амнестија одлучувал исклучиво кривичен совет, без оглед во која фаза бил предметот.

Како аргумент на своја страна Џолев на брифингот го спомена случајот со мавровските работници, еден од хашките случаи за кои исто така беше донесено автентично толкување на Законот за амнестија. Џолев вели дека во овој случај постапувал судечкиот совет на чело со судијата Горан Бошевски, но Кацарска и историјата на овој случај ја толкува поинаку.

„Тогаш кривичниот совет одби да постапи по Законот за амнестија, по што се изврши негово автентично толкување. По ова, обвинителството го повлече обвинението, а судечкиот судија само го констатираше истото“, децидна е Кацарска.

За овој став Кацарска се консултирала со колеги судии во пензија, судии од повисоките судови, професори и сите го делеле мислењето дека во овој случај исклучиво надлежен е кривичниот совет.

Рокот за поднесување на барања истече денеска и се очекува истите да бидат испратени во обвинителството за мислење. Ова е втората спорна точка од законот за која има различни ставови меѓу судот и обвинителката Вилма Русковска. Според толкувањата на брифингот, судот има рок од пет дена да одлучи барањата за амнестија, а обвинителството не е врзано со рок за колку време ќе се произнесе. Обвинителката Русковска е децидна дека судот во рок од пет дена мора да одлучи на кој од обвинетите ќе им го прифати барањето за амнестија.

„Сè уште не сум примила ниту едно барање. Судот има рок од пет дена да донесе одлука, а во овој рок вклучено е и барањето на наше мислење“, ни изјави Русковска.

Во законот стои дека судот носи решение во рок од пет дена по приемот на барањето доколку се исполнети условите од овој закон, а по претходно прибавено мислење од надлежен јавен обвинител. Мислењето кое ќе го даде обвинителката Вилма Русковска нема да биде обврзувачко за кривичниот совет или за судечкиот совет, во зависност од тоа кој ќе одлучува.

По одлуката на првостепениот суд, обвинетите и осомничените ќе имаат право на жалба пред апелациски суд. Рокот да ја обжалат одлуката е три дена, а исто толку рок има и второстепениот суд конечно да пресече дали некој ќе биде помилуван или не.

Законот за амнестија беше донесен минатата недела, а судскиот процес за упадот во Собрание сè уште не е завршен. За Кацарска овој Закон е предвреме донесен, а Џолев вели дека нему му бил интересен, но не сакаше да даде никаков коментар велејќи дека тоа е политичка одлука која мора да се почитува.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски