Судење „27 април“: Обвинети ја насочуваат толпата во прес-центарот на Собранието


Во Кривичниот суд продолжува прегледувањето на снимките од надзорните камери за случувањата во Собранието на Македонија на 27 април минатата година.

Се прегледува снимка од камерата пред вратата од кабинетот на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски. Се гледа движење од членовите на неговото обезбедување, како и на обвинетите Горан Ѓошевски и Елена Божиновска, како и Иван Цветановски. Потоа се појавува обвинетиот Никола Митревски Кољо, со фантомка што ја симнува и доаѓа до Абдулфета Аљими и обезбедувањето. Се гледа како толпата која влезе во Собранието доаѓа до кабинетот, а потоа дел враќа по скалите надолу. Се појавуваат и лица со фантомки и облечени во црно, од кои обвинителката ги посочува Стефан Младеновски и Митре Питроповски.

На снимката се гледа како обвинетите Горан Ѓошевски, Иван Цветановски и Елена Божиновска ја упатуваат толпата луѓе низ ходникот што води кон прес-салата во Собранието. Ѓошевски и Цветановски носат пакет со вода. На снимката го има и обвинетиот Илија Славевски, облечен во црно со црна фантомка.

Обвинетиот Влатко Трајковски, пак, на снимката влегува во кабинетот на Трајко Вељановски. Се гледа и како раскрварено машко лице се движи од ходникот од прес-центарот кон скалите надолу. За цело време на снимката се гледа дека во ходникот има движење на граѓани, но и еден припадник на единицата за брзо распоредување Горан Ѓошевски излегува од кабинетот на Вељановски. Потоа влегува обвинетата Елена Божиновска. Ѓошевски разговара со еден од граѓаните во ходникот кој има врзано знаме на главата.

Бранителот Петар Василев по презентацијата на снимките побара пауза, на што судијката Добрила Кацарска го стави на записник дека е повеќепати опоменат, но повторно продолжил да зборува, поради што го казни со 500 евра за попречување на работата на судот.

Во судница днеска се присутни сите 33 обвинети, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок и двајца за поттикнување. Претседател на судечки совет е Добрила Кацарска. Јавни обвинители се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.
Обвинителката Русковска на почетокот на денешното рочиште во однос на приговорите од одбраната изнесени на  минатото рочиште, рече дека ЈО не е кинотека па да обезбедува ЦД-иња од видео материјалот и Обвинителството во иднина ќе се држи исклучиво до законските обврски и на одбраната исклучиво ќе и биде презентиран видео материјалот и ќе биде овозможено да направи препис.
– Во однос на приговорите за монтирани снимки. Обвинителството нема што да крие, уште помалку, да сече, лепи и монтира. Предлагам спорните снимки за одбраната да бидат повторно и во целост презентирани, рече Русковска.
Судијката Кацарска, рече дека нема да дозволи повторно гледање. Адвокатот на одбраната Петар Василев бараше да му биде доволено да даде приговор. Судијката не му дозволи и го предупреди дека ќе биде казнет ако продолжи да зборува без даден збор.
За случајот „27 април“ обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко
Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.