Странци ќе го контролираат македонското „големо уво“


И меѓународни експерти ќе го контролираат прислушувањето во земјава. Поучени од двата скандали со злоупотреби на приватните разговори на граѓаните, надзорот и контролата на службите ќе бидат засилени, најавуваат стручните лица што работеа на предлог-законските решенија за реформите во безбедносните и разузнавачки служби според приоритети во извештајот на европскиот експерт Рајнхарт Прибе. Граѓанскиот сектор, пак, со низа забелешки дека новиот закон се подготвува набрзина и дека е како копија на хрватскиот модел кој не е соодветен на македонските услови, при што стравуваат оти повторно ќе има злоупотреби, како и лоша поставеност во контролните механизми, имајќи предвид дека ќе мора да има и договор меѓу партиите.

Како што веќе објавивме, ќе се формира оперативно-техничка агенција (ОТА), која единствена ќе може да ги прислушува граѓаните преку мобилните оператори. ОТА, всушност, ќе ја замени Управата за безбедност и контраразузнавање, ќе ја преземе нејзината опрема, ќе раководи со уредите преку кои се вклучува, управува и исклучува сигналот за следење на комуникациите, односно уредите преку кои се овозможува пристапот на органите до податоците од мобилните оператори и целата техничка координација за следењето на комуникациите.

Агенција ќе има од 30 до 50 обучени професионалци, кои главно доаѓаат од УБК и кои одлично ја познаваат техниката на прислушување, каде се осигурувачите, каде се нарушува приватноста и сѐ останато“, тврдат експертите.

Засега не се знае како ќе бидат финансирани, односно дали ќе имаат свој буџет. Не се до крај прецизирани ниту деталите околу контролата.

Има утврдено кој во државата врши надзор, а кој врши контрола, и се прави разлика. Надзор врши Собранието преку комисија, Советот за граѓански надзор, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Народниот правобранител“, појаснува Снежана Петровиќ-Арсовска од Министерството за внатрешни работи. Според неа, има повеќе можности за контрола, како што е наметнување обврска најмалку еднаш на три месеци да се врши контрола од страна на собраниската комисија во новата агенција ОТА и кај операторите.

Советот за граѓански надзор, според првичните проценки, ќе има пет члена. „Пријателите“ од странство, кои помагаа во подготовка на новите законски решенија, инсистирале во него да има и експерти од странство, не верувајќи во капацитетот на македонските служби и институции, имајќи ги, меѓудругото, предвид и неодамнешните „бомби“. Што се однесува до собраниската комисија, која во изминатиот период немаше никаква моќ да влијае врз процесот на прислушување, тука остануваат старите дилеми: дали и кого ќе предложат партиите, дали членовите ќе се менуваат со промената на парламентарното мнозинство, колку членовите ќе бидат чесни кон себе и јавноста, а колку лојални кон партијата… Тие не можат по „дифолт“ да добијат безбедносен сертификат, па пак ќе има „дриблинзи“ со класифицираните документи.

Директорот на ОТА ќе биде назначен од Собранието, прашање е колку ќе биде транспарентен. Затоа е важно да се пропишат законски мерки во кои точно ќе се знае што и како ќе напише во извештајот што треба да го објави до комисијата и плус тоа да го презентира и на јавноста“, бара невладиниот сектор.

Зоран Билбиловски од канцеларијата на народниот правобранител смета дека е непрецизно наведено дека Народниот правобранител од аспект на човековите права може да презема дејствија. Според него, тоа не е решение доколку не се даде обврска на институциите како што е Собранието да соработуваат со омбудсманот. Професорот Гордан Калајџиев има забелешка и во делот на ингеренциите на судиите и на јавниот обвинител, кои треба да дадат дозвола за да се прислушува некое лице бидејќи, како што рече, тие не се разбираат во таа безбедносна сфера и кога ќе имаат барање од УБК за некоја терористичка акција, ќе бидат во тешка ситуација да одбијат да определат мерки.

Тоа се деликатни случаи и бараат повеќе внимание“, нагласува Калајџиев.

Во зависност од софистицираноста на опремата со која располагаат службите, како и од бројот на оперативците, зависи колкав голем број комуникации ќе се следат истовремено. Се оперира со неофицијална бројка од 50.000 разговори во минута. Експертите стравуваат дека злоупотреби се можни и од вработени во МВР, кои откако еднаш ќе добијат пристап до софтверот на мобилните оператори, може да го продолжат прислушувањето и по истекување на рокот за поведување посебни истражни мерки, но и кај вработените во операторите, оти и тие ќе добијат пристап до разговорите, па можат да ги злоупотребуваат.

Предложените законски мерки сѐ уште не се влезени во парламентарна процедура. Најавена е широка расправа и во Собранието со вклучување на сите заинтересирани.

Горан Адамовски