Стеф Блок: Холандија ви е пријател, но строг и правичен


Македонија направи огромни чекори напред на патот кон ЕУ, но реформите треба да имаат стабилен континуитет за најпосле државата да стане рамноправен партнер во европското семејство. Ова е правичен пристап на Холандија, која за последните 20 години се докажа како правичен пријател на Македонија. Заклучоците на Европскиот совет јасно го одредуваат патот на Македонија кон Унијата, вели холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок во интервјуто за „Независен весник“. Тој нагласува дека македонската влада покажала вистинска политичка храброст и лидерство во последниот период и затоа поканата за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО е заслужена и оправдана.

Министре Блок, Македонија е на пат да стане нова членка на НАТО. Според Вашите проценки, дали е ова заслужено и што ќе значи за државата и за регионот?

Владата на Македонија покажа вистинска политичка храброст и лидерство во последниот период и направи огромни чекори напред, особено кога станува збор за добрососедските односи. Договорите што беа потпишани со Бугарија и со Грција се пример за соработка во регионот и пошироко.

Поканата за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО е заслужена и оправдана и се надевам дека наскоро ќе можеме да го прославиме и приемот на Македонија во алијансата како нејзина триесетта членка.

Истовремено, горд сум што Холандија има удел во ова, преку обезбедување на финансиска и техничка помош во рамките на соработката меѓу двете министерства за одбрана во изминатите 25 години. Ние сме и еден од најголемите донатори на неодамна започнатиот проект за реформи во безбедносните служби кој го спроведува Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили, а чија цел е да се подобри одговорноста во македонскиот безбедносен сектор и да се оствари ефикасен судски и собраниски надзор врз работата на безбедносните служби.

Заедно имаме работено во неколку реформски области, како што се владеењето на правото, модернизација на одбраната и безбедноста, промовирање на човековите права и зајакнување на демократските институции во државата, а резултатите сега стануваат видливи.

Македонија повеќе години ги поддржува мисиите на НАТО во Авганистан и Косово, рамо до рамо со другите сојузници. Армијата на Македонија веќе има поминато низ процесот на реформи во согласност со стандардите на НАТО и е подготвена да ја преземе својата нова улога како дел од алијансата.

Најголемата придобивка која ја носи членството во НАТО се безбедноста и можноста за справување со новите безбедносни предизвици, но и понатамошна демократизација на институциите, зголемена соработка со другите земји членки, стабилност и економски просперитет. Имајќи го сето тоа предвид, убеден сум дека безбедна и просперитетна Македонија ќе биде фактор на стабилност во целиот регион.

Со поканата добиваме и обврска да го спроведеме договорот со Грција за прашањето за името. Пред референдумот, која е Вашата порака за оние што му се спротивставуваат, вклучувајќи го и претседателот на државата, како и главната опозициска партија?

Најпрво би сакал да им честитам на мојот македонски и грчки колега, како и на премиерите Заев и Ципрас што го решија проблемот кој го попречуваше напредокот на Македонија повеќе од 20 години и што го зацврстија патот на пријателството и зголемената соработка, за доброто на народите од двете држави.

Одлуката во врска со референдумот треба да ја донесе Македонија, нејзините институции и нејзините граѓани. Јас можам само да се надевам дека сите релевантни чинители ќе го направат својот избор во согласност со тоа што тие сметаат дека е најдобро за иднината на нивната држава. Понатамошните чекори на патот кон евроатлантската интеграција на државата се на дофат, а овој референдум е важен елемент во овој процес.

Што ќе се случи доколку референдумот има негативен исход? Дали тоа ќе биде крај на процесот или вратата ќе остане отворена за некое идно решение за името? Дали НАТО потполно ќе ја избрише поканата?

Препораките од Самитот во Букурешт во 2008 година беа многу јасни: вратата на НАТО ќе биде отворена откако Македонија и Грција ќе најдат решение за прашањето со името. Решението сега е тука и јас разбирам дека не се работи за лесно решение за двете држави. Сепак, треба да бидеме способни да гледаме напред и да бидеме свесни за добрите страни на овој компромис.

Македонската јавност беше изненадена дека по толку средства и напори кои ги вложи Вашата држава за да ги поддржи демократските промени во Македонија, во Луксембург ставивте вето на нашиот датум за започнување на преговорите. Која беше причината за ова?

Не би сакал да го употребам зборот „вето“ во овој случај. Заклучоците што ги донесоа сите членки на Советот, врз основа на покажаниот напредок, јасно го одредуваат патот на државата кон ЕУ. Како што веќе кажав, Македонија направи огромни чекори нанапред, но од клучна важност е да се види стабилен континуитет во спроведувањето на реформите во најзначајните полиња како што се владеењето на правото, реформите на јавната администрација и безбедносниот сектор. Со овие реформи државата ќе биде вистински партнер и рамноправен член на европското семејство. Уште поважно, овие реформи ќе го подобрат квалитетот на животот на сите граѓани на Македонија, а тоа треба да биде основниот водечки принцип за оваа и за која било друга влада.

Холандија отсекогаш била и ќе продолжи да биде строг и правичен пријател на Македонија. Правичноста во овој пристап е долгорочната поддршка која ја обезбедуваме во сите горенаведени области, а која изнесува над 210 милиони евра во изминатите 20 години.

Како што беше наведено во декларацијата за партнерство потпишана меѓу нашите две држави минатата година, заедно се стремиме кон силна и просперитетна Европска Унија, отворена за оние што ги почитуваат нејзините вредности и што се посветени на нивно промовирање.

Зошто е Македонија во истиот пакет со Албанија, по добиени девет препораки за започнување на преговорите?

Сите земји кандидати мора да ги исполнат сите услови на процесот за прием во ЕУ и секоја држава се оценува врз основа на нејзините заслуги. Среќен сум што Советот ѝ даде на Македонија јасна патека со реформи кои таа треба да ги спроведе пред да се отворат преговорите за членство. ЕУ ќе биде тука да ве поддржи во сите чекори кои се бараат – но секако, работата може да ја завршат само македонските институции и никој друг. Европската Унија придава голема важност на регионалната соработка и во рамките на регионалната политика на ЕУ која поддржува економски раст, отворање работни места и подобрување на квалитетот на живот. Веруваме дека државите во регионот можат да си помогнат едни на други и заедно да дадат позитивен придонес за ЕУ.

Како ја оценувате политичката ситуација во државата во моментов и кои се Вашите проценки за реформите – дали се одвиваат со добра динамика и што мислите дека треба да биде нашата главна задача до јуни следната година?

Вашата држава помина низ долг период на длабока политичка криза и ја поздравуваме вашата влада за напредокот и успехот кој го постигна во толку краток временски рок, носејќи ја земјата повторно на вистинскиот пат. Годината пред нас ќе биде клучна во одржувањето на овој фокус на реформите и спроведувањето на законите што беа донесени. Свесни сме дека реформите на судството или јавната администрација не се лесна задача, но добрата вест е што Европската Унија ќе биде до вас да ви помогне во овој процес. Повторно ќе кажам: ова не треба да биде направено само затоа што ЕУ тоа го бара од вас, туку затоа што граѓаните на Македонија заслужуваат да живеат во просперитетно и правично општество со еднакви можности за сите.

Во својот скорашен говор за иднината на Европа, нашиот премиер Марк Руте рече дека народите на Европа може да напредуваат само доколку владеењето на правото се спроведува во сите земји членки, затоа што ЕУ е унија на закони и вредности. Не смееме да ги земеме здраво за готово демократските вредности како што се правната сигурност, независното судство или слободните медиуми, туку мора постојано да им се навраќаме и заедно да работиме на нивно остварување.

Главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ бара амнестија за вклучените во нападот на Собранието на 27 април. Зборуваат за политички притисоци и зависно судство. Како гледате на ова?

Независно судство значи судство ослободено од политичко влијание и притисок и каков било облик на неказнивост не може да биде дел од решението. Интересот на државата и на граѓаните треба секогаш да биде над секој личен или партиски интерес, па оттука би сакал да ги повикам сите политички чинители да бидат конструктивни. Како што беше препорачано од Европскиот совет, континуираната правна отчетност е неопходна за да се врати довербата на граѓаните во функционирањето на системот и неговите институции.

Се разговара за можноста на градење кампови за мигранти надвор од ЕУ. Дали идејата за градење на вакви кампови во Западен Балкан е исто така предмет на дискусија?

Македонија одигра клучна улога во изминатите години и ние искажавме благодарност и дадовме поддршка за нејзината посветеност. Договорот за статусот на Фронтекс, кој беше усвоен скоро, е уште еден чекор нанапред. Минатата недела Европскиот совет уште еднаш го потврди овој сеопфатен пристап кон миграцијата од страна на сите земји членки на ЕУ. Се согласивме дека соработката и поддршката на Западниот Балкан се клучни во превенцијата на нелегалната миграција, зајакнувањето на капацитетите на граничната безбедност и подобрувањето на процедурите за враќање и реадмисија. Како што може да се види, кампови во регионот не се споменати во ниту еден од овие заклучоци.

Слободанка Јовановска