Средба на Заев со Синдикатот на УПОЗ: Владата е ортворена за соработка за отворените прашања
Премиерот Зоран Заев придружуван од министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за правда Билен Саљији и од државната секретарка во Министерството за финансии Елена Трпковска, денеска имаше средба со претставници на УПОЗ, претседателот Пеце Груевски, генералниот секретар Трпе Деаноски, потпретседателката за правосудство при УПОЗ Верица Тасева и членот на Претседателството и претседател на инспекцискиот одбор, Димитар Гаќев.
Како што соопшти владината прес-служба, претставниците на Синдикатот на УПОЗ ја поздравиле определеноста на премиерот Заев и на новата Влада за социјален дијалог со синдикатите и за изнаоѓање решенија за отворените прашања.
На состанокот било разговарано за повеќе актуелни прашања поврзани со судската служба, јавно-обвинителската служба и со државната администрација.
Премиерот Заев и министерот Тевдовски информирале дека вработените во инспекторатите ќе ја добијат задоцнетата плата по одржување на седницата на Владата, планирана за наредната недела.
Во однос на прашањето за степенот на кариера, премиерот Заев информираше дека во Владата веќе има формирано работна група и дека ќе биде најдено соодветно решение во скоро време.
Заеднички е ставот дека институциите имаат обврска да ја почитуваат одлуката за работното време.
– Отворени сме за соработка со Синдикатот на УПОЗ, со синдикатите и со сите чинители во општеството за дијалог бидејќи оваа Влада е определена заеднички со вработените и граѓаните да доаѓа до најдобрите законски и други решенија, истакнал премиерот Заев.
На средбата било договорено соработката да продолжи и за другите прашања по однос на коишто денеска се изнесени алтернативи за нивно затворање.