Мицкоски до Тимоние: Го поддржуваме секој процес кој е во насока на јакнење на демократијата


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се сретна со амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние, со кој, како што соопшти партијата, разговараше за актуелната политичка и економска состојба во која се наоѓа Република Македонија, како и стратешките и реформски процеси кои се од голема важност за државата.

Мицкоски на средбата информирал за, како што рекол, политичкиот прогон кој го спроведува власта, преку монтирани случаи и злоупотреба на институциите и посочил дека таквото однесување на власта е далеку од европските вредности кон кои се стреми државата.

– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изрази загриженост за се полошата економска ситуација во која се наоѓа земјава. Заради неспособноста на власта да обезбеди економски раст и катастрофалната реализација на капитални инвестиции граѓаните живеат се полошо, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Двајцата соговорници се осврнале и на реформските процеси важни за приклучување на Република Македонија во ЕУ и НАТО.  Мицкоски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ го подржува секој процес, доколку е во насока на јакнење на демократијата и е од интерес за граѓаните.

На средбата било истакнато дека од огромно значење е поддршката на Република Франција за членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, но за тоа неопходно е земјава сериозно да се зафати со реформите, каде што, како што посочил Мицкоски, за жал моментално власта сериозно заостанува.