СП2018: Ловрен: Англија е фаворит, но ние сакаме да играме против големи тимови


Хрватскиот фудбалер Дејан Ловрен истакна дека неговата репрезентација нема што да загуби во полуфиналето на Светското првенство во Русија.

Хрватска се пласираше меѓу четирите најдобри во светот, а сега ако ја победи Англија има можност првпат да се најде во финале на Мундијал.

– Англија е еден од фаворитите за освојување на титулата и тоа мора да го почитуваме. Но, ние сакаме да играме против големи тимови. Тоа го покажавме против Аргентина и нема што да загубиме, наведе Ловрен.

Англија, која последен пат се пласираше во полуфинале во 1990 година, во своите редови го има најдобриот стрелец на турнирот Хари Кејн.

– Кејн е еден од најдобрите напаѓачи во Премиер лигата. Ги заслужува сите пофалби и сета доверба, која му се укажува. Во последните неколку сезони постигна многу голови и со право се смета за еден од најдобрите играчи во светот, истакна хрватскиот фудбалер.

Полуфиналниот натпревар меѓу Англија и Хрватска се игра утре од 20 часот во Москва.