СП 2018: Дешамп: Подготвени сме на се против Белгија
Главната сила на тимот на Белгија е во нападот, но тоа што добро го познаваме противникот, не ни дава предност во полуфиналниот судир, изјави францускиот селектор Дидие Дешамп на денешната прес-конференција, пред утрешниот полуфинален меч меѓу Франција и Белгија, што ќе се игра од 20 часот во Санкт Петербург.
– Белгијците имаат напаѓачки тим и тие покажуваа таков стил во текот на целиот турнир до тука. Во натпреварот со Бразил тие покажаа дека можат да играат добро и во одбраната, особено на крајот на натпреварот. Исто така, можат да се бранат многу добро во средината на теренот, но главната закана доаѓа од нападот, рече Дешамп.
Тој истакна дека целиот тим на Франција е подготвен за средбата и во нивните редови нема повредени.
– Дадов одмор на четворица играчи, за да бидат свежи за утрешниот натпревар, но повредени немаме, соопшти селекторот.
Самиот тој е светски шампион како играч од 1998 година, а во 2016-та на ЕП во Франција, стигна до финалето, каде сепак претрпе пораз Португалија. Сега тој има нова можност да се искачи на врвот на светскиот фудбал како тренер.
– Во моментов се уште припаѓам кон кругот од фудбалери кои станале светски шампиони со нозете на теренот. Кога ќе станам таков и како тренер, тогаш ќе ви кажам како се чувствувам, додаде Баскиецот.
Инаку, францускиот тим се подготвува за секое сценарио во полуфиналето.
– Белгија одигра одличен натпревар против Бразил со еден специфичен план за таа средба. Дали ќе го стори тоа и против нас? Сосема е возможно. Но, ние сме подготвени за се. Подготвени сме да се адаптираме на каква и да е тактичка шема на тимот на Белгија. Сметам дека и моите играчи во главите се подготвени за какво и да е сценарио, пресврт на натпреварот, како од самиот почеток, така и при промена на време на самата средба, заклучи 49-годишниот селектор на „петлите“.