Спречен протест на грчки мигранти на македонската граница


Грчката полиција не дозволи околу 200 мигранти и баратели на азил да заминат од Солун кон границата со Македонија, каде сакаа да организираат протест поради тоа што се спречени да заминат кон други европски земји.

Десетици полицајци од редовите на единицата за борба со безредија, користеа штитови за да ги спречат мигрантите да заминат од центарот на Солун. Полицијата им го блокираше патот и со полициски возила. Мигрантите, меѓу кои и семејства со деца, одбија да се разотидат и седнаа на улица. Во кусиот судир со полицијата нема повредени.

Мигрантите, од кои повеќето од Сирија, Ирак и Сомалија, се собраа во текот на денот во Солун. Повеќето од нив посочија дека со тоа одговараат на повикот објавен на социјалните мрежи за протест на грчко-македонската граница. Тие планирале да пешачат околу 70 километри, до граничниот премин Идомени, каде минатата година имаше повеќе бегалски кампови, кои пак беа отстранети по затворањето на т.н. балканска рута.

Грчкиот заменик-министер за миграција Јанис Балафас, вчера беше во посета на Солун, каде ја промовираше програмата за доброволна депортација, со која се овозможува мигрантите да се вратат во своите домови.

– Грција се трансформираше од транзитна земја за мигрантите, во земја каде тие се заробени – истакна Балафас.

Десетици илјади бегалци и мигранти во моментов се заглавени во Грција, во неможност да одат кон нивните посакувани дестинации во Европа, откако земјите ги затворија копнените граници на почетокот од минатата година.